Директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски во интервју по повод 20-годишниот јубилеј на Агенцијата истакна дека тимот на редакцијата постојано вложува, се обучува за најсовремено дејствување, користење на последните технички достигнувања, а на тој начин го дава и својот влог во професионализацијата на македонскиот медиумски простор.

Пред речиси една година дојдовте на челната позиција во МИА. Колку беше предизвик за Вас да застанете на кормилото на државна новинска агенција, имајќи ги предвид Вашите претходни новинарски ангажмани?

За секој професионалец е вистински предизвик да бидеш прв човек на една сериозна професионална група новинари, да направиш амбиент во кој ќе го извадиш професионалното новинарско од секого, на колегите од твојата фела ќе им обезбедиш слободен простор да пишуваат, да истражуваат и да создадеш клима на доверба и професионални стандарди кај јавноста и публиката, нема подобра шанса. И кога ќе почнат да те цитираат и дома и во регионот, кога твоите новинари ќе препознаат дека нивните теми, извештаи се по сите медиуми и кога пред сè фелата и јавноста ќе го поздрават сето тоа, тогаш знаеш дека си во вистинската насока. Имав среќа во мојот професионален стаж да работам во најсилните тимови во мојата кариера и да работам според професионалните стандарди, публиката да ми верува и сето тоа сега да го споделам и преточам во овој тим на МИА, во кој верувам дека може да биде победнички.

Колку сте задоволни од тоа што го постигнавте во оваа една година во однос на уредувачката политика и внатрешната организација на МИА?

Задоволен сум дефинитивно како почнуваме. Има уште многу да се сработи, затоа што долго време не се работело. Ова е целосно препакување, и технички, и организациски, и програмски. Она што е суштински е дека ја враќаме довербата, клучната работа за кој било медиум. Она што е вистина е дека сериозно се работи и се вложува во враќање на новинарските стандарди, внатре и воопшто, преку дистрибуција на нашите вести и хранење на медиумите до бистрење на медиумскиот матнеж. Сериозно работиме на елиминација на лажните вести преку брзи, точни и проверени вести. Задоволен сум најмногу од тоа што колегите го прифатија овој предизвик и високо темпо на работа без да им бидат зголемени платите, само со предизвикот да бидеме релевантен извор, кој придонесува за медиумската писменост во Македонија. Ќе се согласите дека тоа е за респект. Имаме уште многу работа и уште поголеми предизвици, особено со воведувањето на видеосервисот, графиката, школата за агенциско новинарство, ширењето на дописната мрежа, почетокот на МИА прес-центрите, со еден збор, одиме во голема реформска насока. Имаме стратегија за неколку години нанапред, до каде ќе стигнеме, ќе се види.

Дали Ви импонира фактот дека сте дел од Агенцијата токму во период на еден ваков јубилеј и кои се Вашите предности за разлика од претходните раководства?

Па тоа е случајно, можеби исто како кога првпат ме промовираа за најмлад уредник на пладневниот радиовесник на 50-годишнината на Радио Скопје, сега ми се случи на овој голем јубилеј да бидам главен и одговорен уредник и да ја реформирам и менаџирам МИА, а мојата предност пред другите е само во тоа што јас сакам да ѝ служам на професијата, која со сите предизвици, притисоци и жртви ја сакам и во која уживам со сите тие премрежија што ги поминав сиве овие години. Мислам дека сите ние како професионалци имаме долг кон професијата и кон државата да го извлечеме и да го дадеме најдоброто, да ги пренесеме знаењето и искуството, без да калкулираме со некаков профит. Само така можеме да одиме напред, а не со удирање и врескање кој е поголем патриот или предавник.

Кои новини ги воведовте досега и што планирате во иднина за уште повисок рејтинг на МИА?

Имаме големи планови за кои сум оптимист. Да работиме така како што почнавме во оваа прва година, во интерес на јавноста, во интерес на вистината и професионалноста, и сериозно да ја збогатиме понудата со проверени наспроти најновата закана од лажни вести. Имаме стратегија, имаме сериозна поддршка од меѓународната заедница, морам да кажам дека УСАИД ни помогна со техничка опрема за да застанеме во редот на модерно опремени агенции, веќе неколку месеци меѓународни експерти ги обучуваат тимовите на новата МИА, што значи фаќаме чекор со новите трендови да ги искористиме сите новини што ги нудат современите комуникации и Интернет за присутност во јавноста. Ќе работиме паралелно со класичниот агенциски пристап и на социјалните мрежи, почнавме со видеовлез и видеосервисот, го направивме и првиот пренос во живо, тргнуваме со графички приказ, аналитички текстови преку соработка со релевантни институти, агенции во регионот и светот. Сакаме да му дадеме простор и на невладиниот сектор, да го фатиме и граѓанскиот интерес, да работиме на медиумската писменост и на читателите и на онлајн-медиумите, да понудиме специјализирани пакети за стручната, научната и медиумската јавност, да работиме што повеќе на финансиската независност на пазарот. Знаете, агенциите повеќе не се само текст и фотка, туку и видео, и аудио, и графика и, се разбира, брзина и точност. Ова е ново време за нов израз за конкретен влог на секој во пакет со предизвиците, за тие што сакаат да победуваат, тоа е нашата визија и цел.

Габриела Точко