Република Македонија од 25 до 27 октомври ќе биде домаќин на над 700 хуманитарци, донатори, поддржувачи на хумани акции, членови на Лајонс клубовите од Европа. Во ова интервју со доц. д-р Соња И. Бојаџиева, прв човек на македонските лајонси информираме за подготвеноста на Лајонс Д132 Македонија за претстојниот Лајонс Европа Форум Скопје 2018.
Дали сте подготвени за претстојниот Лајонс Европа Форум Скопје 2018?
Подготвени сме. Подготвени сме за континуитет на првично искажаната идеја од 1952 година за годишни состаноци на Европските Лајонси, форуми што се одржуваат на различни локации низ Европа, а оваа година Европскиот форум на Лајонсите ќе се одржи во Скопје, од 25-27 октомври. Европа Форум е еден од најзначајните настани за сите членови на Lions Clubs International од Европа, затоа што тоа е годишен собир, на кој се дискутираат теми за развој на лајонизмот во Европа, за постигнатите резултати во помагањето на ранливите категории, нови идеи и активности во сервисните активности, но и меѓусебно запознавање и дружење. Дистрикт 132 Македонија има чест и да биде домаќин на овој значаен настан во 2018 година, што претставува извонредна можност за промовирање на убавините на нашата прекрасна држава, на нашето традиционално гостопримство и претставување на потенцијалите на нашата држава и резултатите на македонските лајонси. Организацискиот Комитет, поддржан од македонските лајонси, три години неуморно и посветено работи на квалитетна подготовка и успешна реализација на Европа Форум 2018. Компонираноста на тимот од докажани, искусни професионалци во сегментот во кој го даваат својот придонес, меѓусебната поддршка и разбирање доведоа до извонреден тимски дух, кој дополнително мотивира.
Искуствата од учество на претходните форуми помогнаа во дефинирањето на задачите, прифаќање на позитивните аспекти и искуства од претходните земји организатори. Но, посебно ја истакнувам поддршката на Владата на Република Македонија и поддршката од премиерот кој ќе го отвори форумот и ќе има обраќање кое претставува чест за сите нас, но и за сите наши пријатели од Европа и светот, од кои поголем дел првпат ќе дојдат во нашата држава и во Македонската филхармонија како место за одржување на форумот.
Кое е мотото на Форумот и кои прогамски содржини би ги посочиле?
Мотото на 64-от Европа Форум во Скопје, е „Свесност и емпатија“ (Awareness and Empathy). На секој форум државата домаќин ја одредува темата на форумот. Ние се одлучивме за ова мото кое е општоприфатено затоа што сметавме дека иако лајонсите во Македонија, во Европа и во светот навистина направиле многу, сепак е потребна уште поголема свесност за Лајонизмот во Македонија и во светот, за многуте потреби на лицата на која им е потребна помош, како и поголема емпатија за сите овие луѓе, деца, млади, возрасни или стари, без оглед на пол, вера или религија.
Во програмата е посветено посебно внимание на одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на првите лајонс клубови во Европа, 50-годишнината од формирањето на фондацијата на Lions Clubs International, а за Скопје е предвидена посебна пленарна сесија со наслов „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на света Мајка Тереза“.
Во програмата ќе има 60 сесии на различни теми, соработката на лајонсите во заедничко помагање на ранливите категории, соработка на лајонсите од балканските држави, можност за збратимување на клубовите, меѓународна соработка на лајонсите од Европа со лајонсите од Азија и Африка, соработката на лајонсите со Обединетите Нации, улогата на лајонсите во справување со актуелната мигрантска криза во Европа, Lions Quest – програма за грижа за младите, правилно насочување и развој, заштита на децата од улица, борба со рак кај децата, значењето на почитување на идентитетот, инклузивноста, толеранцијата и кохезијата помеѓу луѓето и улогата на лајонсите во тој процес во секоја земја и во светот во целина, улогата на лајонсите во помош на децата од сите ранливи категории, борба против дијабетесот, улогата на кучиња водичи за слепи и можноста за обезбедување на таква помош за слепите во Република Македонија, искуствата на вклученоста на лајонсите во помагање и на лицата со Алцхајмерова болест и нивните семејства. Ние, лајонсите од Македонија ќе имаме можност да ги претставиме резултатите од проектот за превенција во заштита на видот на децата од двегодишна возраст па до децата во основните училишта, во чии рамки се прегледани 27.000 деца.
Во рамки на Европа Форум има и посебен натпревар, за што станува збор?
Тоа е натпреварот за избор на најдобар млад музичар и млад амбасадор. Изборот на млад музичар се врши секоја година на различен инструмент, а ние како земја домаќин го избравме тоа да биде флејта. Оваа одлука ја донесовме затоа што тоа е најблизок инструмент до традиционалниот кавал и како инструмент кој најдобро ја отсликува ономатопејата на човечкиот говор. На натпреварот ќе учествуваат претставници на 17 држави. Во изборот на млад амбасадор критериум се вклученоста на младите во проекти поврзани со различни хуманитарни активности.
Кому се’ ќе бидете домаќини?
Иако Европа форум е годишен собир на лајонсите од Европа, на него учествуваат гости од целиот свет. Овој, 64-ти Европа форум е еден од најзначајните Европа форуми во историјата на Lions Clubs International бидејќи првпат имаме жена меѓународен претседател, нашата добра пријателка од Исланд Гудрун Ингвадотир, која во 2012 година првпат дојде во Скопје да ни помогне во развојот на лидерство на македонските лајонси. На форумот ќе присуствуваат и претходниот меѓународен претседател д-р. Нареш Агарвал од Индија, првиот заменик меѓународен претседател Јунг-Јул Чои од Јужна Кореа, вториот заменик меѓународен претседател Хајнес Таунсенд од САД, поранешните меѓународни претседатели Еберхард Вирфс од Германија, Ѓузепе Грималди од Италија, Франк Мур 3-ти од САД, многу актуелни и поранешни високи офицери во нашата асоцијација од сите континенти. На форумот ќе учествуваат и членови на подмладокот на нашата асоцијација, „Лео”-вци од повеќе Европски земји.
Како новоизбран гувернер на Д132 Македонија, Европа Форумот е главен настан во Вашата програма, но што друго планирате со македонските лајонси во текот на годината?
Ќе настојувам и сакам Лајонс Дистрикт 132 Македонија да биде локален лидер во грижата за ранливите групи во интегрираното општество во Република Македонија. Мојот слоган за оваа година е „Lions- a BRIDGE that UNITES“ или „Лајонс-мост кој поврзува“.
Слоганот симболично ја носи пораката за сплотеност, поврзаност помеѓу нас лајонсите во дистриктот, поврзаност со другите лајонси во целиот свет, мост кој ќе не поврзе со подржувачите и пријателите на лајонсите, општеството, заедницата, мост со многу здруженија, поединци, меѓународна соработка, мост на пријателство и меѓусебна доверба. Лично верувам дека сите ние заедно можеме да придонесеме за едно поубаво утре за сите во заедницата, да помогнеме таму каде потребна помош во духот на хуманоста во бројни сфери на животот.
Нашите проекти се „Водно за секој ден“, „Охридска регата со едрилици“, битолскиот „Црно Бел Бал“, засадување бели рози, „Специјална олимпијада“ во Кичево, „Возно дефиле – борба против канцер на колон“, Меѓународен ден на белиот стап....и многу други традиционални клупски акции со кои ќе бидат одбележани 100 години Лајонс Магазин, 70 години Лајонс клубови во Европа и 10 години Дистрикт 132 Македонија – јубилеј кој со задоволство ќе го одбележиме со лајонсите од Европа кои од 25 до 27 октомври ќе бидат на Европа Форум во Скопје.
Марјан Танушевски