Пратеникот во Собранието на Косово и претседател на Комисијата за безбедност и надзор врз Безбедносните сили на Косово (ФСК), Хаџи Шаља, тврди дека над 100 од вкупно 120-те пратеници во косовскиот законодавен дом ќе гласаат за трансформација на ФСК во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шаља во интервју за неделното издание на „Зери“ вели дека земјата доцни со формирањето војска, бидејќи, како што нагласува, „без војска не може да се рече дека е комплетирана безбедносната архитектура на државата“.

- Сега, со поминувањето на нацрт-законите во Собранието на Косово ќе се пополни и оваа празнина која постоеше во безбедноста на Косово и ќе ги имаме Безбедносните сили на Косово со додатни мисии и надлежности, изјави Шаља.

По поминување во надлежната комисија, пакетот закони е испратен на собраниското Претседателство, кое треба да го проследи на пленарна седница, каде што, по две читања, треба да се стават на гласање.

Шаља очекува дека целата процедура ќе се заврши во текот на месец ноември, а за противењето на Српската листа, партијата на косовските Срби, вели дека нема да влијае на изгласувањето, затоа што за усвојување на овие закони е потребно просто мнозинство.

Членовите на Комисијата за безбедност и надзор врз ФСК на косовското Собрание минатата среда со мнозинство гласови го изгласаа пакетот од три закони со кои се предвидува ФСК да се трансформира во војска на Косово.

Претставниците на партиите на Албанците, како на оние на власт, така и на опозициските, изјавија дека нивните партии ќе ја поддржат трансформацијата на ФСК во војска на Косово и во натамошните процедури и ќе гласаат за законите кога ќе дојдат на дневен ред во Собрание.

Против пакетот закони гласаше членот на Комисијата од редовите на Српската листа, која е категорично против оваа трансформација и, како и официјален Белград, нагласува дека единствена вооружена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, е КФОР.

Владата на Рамуш харадиај достави до Собранието пакет од три закони со кои се зголемуваат надлежностите на ФСК и Министерството за ФСК прераснува во министерство за одбрана.

Меѓународната заедница, односно САД и другите западни земји сојузнички на Косово, порачуваат дека немаат против Косово да формира војска, но дека тоа треба да се направи со промени на Уставот. Меѓутоа, такво нешто е практично невозможно, затоа што за промена на Уставот е потребни да гласаат и мнозинството пратеници од редовите на српската националност.