Со прва историска заедничка прослава со Куманово, со поставување копии на загубениот орден за народен херој и со богата целонеделна програма, Прилеп ќе го прослави националниот празник „11 Октомври“ и 77-годишнината од почетокот на народното антифашистичко востание, беше соопштено на прес-конференцијата во прилепската локална самоуправа.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, заедничката прослава на празникот со Куманово е прва и историска.

- За прв пат во историјата празникот ќе го одбележуваме заедно: општина Прилеп и општина Куманово. Тоа значи дека на 10 октомври во Прилеп ние секогаш ја организираме прославата со импровизиран напад на градот, како потсетување на настаните од 1941 година кога со нападот на тогашниот Участак, денес меморијален музеј „11 Октомври“ беше означен почетокот на народното востание и НОБ, и со богат огномет, рече Јованоски.

Годинава, посочи, заедно ќе слават Прилеп и Куманово. - Директен пренос ќе има на една од локалните телевизии од Куманово. По традиција Куманово слави на 11 октомври. Годинава, вечерта на 10 октомври, во предвечерието на празникот ќе дојде делегација од Куманово, а наша делегација на 11 октомври ќе биде во Куманово на прославата таму, објасни Јованоски.

За празникот ќе бидат поставени две копии на загубениот орден за народен херој што Прилеп го доби 1975 година од Јосип Броз Тито. Орденот исчезна од се уште непознати причини пред 15-ина години од просториите на поранешната општинска зграда. Според Благоја Атанасоски, директор на „Завод и Музеј Прилеп“, копиите ќе бидат распоредени во локалната самоуправа и во меморијалниот музеј „11 Октомври“

- На орденот секоја трага му исчезнува во 1993 година од просториите на тогашната локална самоуправа. Не се знае од кои побуди, дали иделошки или материјални, бидејќи беше од злато. Сега презедовме активности да ја исправиме таа грешка. Направени се две копии на орденот: едната ќе биде во просториите на прилепската локална самоуправа, а другата копија во историската поставка во некогашниот Участак, сега меморијален музеј „11 Октомври“. Ќе го заземе местото кое го заслужува орденот. Се потрудивме да направиме и реплика на орденот на мермерна плоча во рељеф и ќе биде изложен во прилепската локална самоуправа, а се очекува, со одлука да биде поставен и во непосредна близина на локалната самоуправа, рече Атанасоски.

Приелпскиот градоначалник Јованоски, на чија иницијатива се прават копиите, нагласи дека за градот и за загинатите борци од НОБ и Револуцијата многу е битно враќањето на орденот како потврда на нивната саможртва за слободата и независноста на земјата.

Чествувањето на „11 Октомври„ во Прилеп е цела недела со бројни културни и спортски настани. Во тоа се вклучуваат Центарот за култура „Марко цепенков“ и Центарот за современа ликовна уметност. Првиот со повеќе културни настани, а вториот со прв фестивал.

Менче Караџоска, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ нагласи дека со повеќе манифестации се вклучува во одбележувањето на „11 Октомври“.

- Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе понуди бројни настани за одбележувањето на националниот празник „11 Октомври“. Во пресрет на празникот утревечер Прилепскиот театар премирено ќе ја изведе претставата „Казимир и Каролина“, на 10 октомври од 18 часот во ликовната галерија ќе биде отворена изложбата „Не-дефиниран урбанизам“ од Катерина Деспот и Васка Сандева, а на 12 октомври во Ликовниот салон во центарот ќе се одржи концерт на пијано на Бобан Дојчиноски од 19 часот, рече Караџоска.

Во организација на Центарот за современа ликовна уметност за прв пат ќе се одржи фестивал за Марко Цепенков. Звонко Димоски од организацијата на фестивалот рече дека основната идеја е реактуелизацијата на културното и народното наследство.

- Секоја година ќе избираме лик или дело од нашиот регион, а сега почнуваме со Марко Цепенков. Со употребата на современи уметнички техники и трехнологија, да ги претставиме како урбани херои. Досега Марко Цепенков пред младите луѓе, во учебниците, е премногу архаично претставуван. Ликот на Марко Цепенков ќе го претставиме во процесот на урбанизација, преку рекламни материјали и врз основа на шест прототипи на Цепенков. Ќе има работилници. Фестивалот ќе биде отворен во 17,45 часот на 11 октомври пред Домот на културата „Марко Цепенков“ со специфична претстава, објасни Димоски.