Претставници од Здружената Опертивна Команда (ЗОК) предводени од бригадниот генерал, началник на штаб, Орце Јордев, денеска донираа училишен прибор на учениците со интелектуална попреченост во кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“. Донацијата се реализира во пресрет на одбележување на Денот на Здружената оперативна команда 17-ти октомври.

- Ние имаме одлична соработка со Армијата на Република Македонија. Не е прв пат да донираат. Учениците беа воодушевени од присуството на претставниците на Армијата и мора да напоменам дека дел од нив за прв пат имаат средба со бригаден генерал, изјави директорката на училиштето, Марина Манојловска.

Во ОУ „Браќа Миладиновци“ во посебните паралелки настава следат околу 60-тина ученици. Од неодамна во рамки на ова училиште се реконструира објект кој ќе биде наменет за целодневен престој на учениците со интелектуална попреченост на ниво на општина Куманово.