Во понеделник ќе започнат градежните работи на водоснабдителниот систем во Индустриската зона „Мамутчево“, информираат од општина Велес.

Прво ќе се изгради резервоарски простор со зафатнина од 500 метри кубни, а рокот за изградба според договорот е 75 дена.

Изведувачот на работите на проектот „Изградба на систем за водоснабдување во Индустриска зона „Мамутчево" е Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Евро-Инженеринг увоз- извоз ДООЕЛ“- Велес.

Надзор над изведбата на градежно монтажните работи е „ДГУТГМ Интерградба-ЛА Аце ДООЕЛ увоз - извоз“.

Вредноста на договорот е 8 милиони 692 илјади 499 денари од кои 6 милиони 952 илјади 714 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а 1милион 749 илјади и 785 денари се учество на Општина Велес.

Како што информираат од Општина Велес потоа ќе се гради и водоводна линија и систем за фекална канализација. Оттаму динамизирање на активностите за изградба на комуналната инфраструктура во ИЗ „Мамутчево“.

-Сето тоа со цел во најкраток рок да се обезбедат сите услови за непречен развој на зоната. Со тоа ќе им се овозможи и започнување на работите за заинтересираните инвеститори, велат од општина Велес.

Тие посочуваат дека раководниот тим на општина Велес веќе е во разговори со заинтересирани инвестотори за градење во оваа атрактивна индустриска зона.

Инаку Индустриската зона „Мамутчево“ која се протега на 67 хектари, се наоѓа во непосредна близина на експресниот пат Велес - Штип. Од општина Велес информираат дека во зоната првенствено ќе градат компании од лесна и незагадувачка индустрија.