Во Македонска Каменица во завршна фаза е подготовката на локална младинска стратегија за периодот 2019-2023. Целта на иницијативата на здружението АСГАРД како што истакна нејзиниот претставник Васко Десподовски е да се обезбеди реална поддршка за младите од Македонска Каменица во насока на секојдневно справување со животните предизвици.
- Стратегијата ќе понуди можности за младите да се развиваат и да се стекнуваат со знаење и искуство во локалните институции и организации. Најголема причина за подготовка на оваа стратегија е на младите каменичани да им се понудат вистински алтернативи и активно да бидат вклучени во општествените процеси, и нивниот избор наместо заминување во странство да биде останување во родниот град и давање допринос за создавање на просперитетна општина, информира Десподовски.
Додава дека со оваа стратегија предвидено е младите да учат, да се обучуваат, да стекнуваат нови искуства и преку волонтирање да се подготват за животните предизвици.
Во рамки на стратегијата предвидено е и подготвување на неколку проекти за кои ќе се аплицира за обезбедување на финансиски средства во неколку меѓународни фондови.