Во Македонија, и институциите и бизнисот треба да обрнат повеќе внимание на иноваторството. Креативноста и иновациите се нешто што ја поткрева економијата, а еден добар патент може да обезбеди средства колку еден годишен буџет на Република Македонија. Ова го истакнува Мирко Узелац, претседател на Националната асоцијација на пронаоѓачи во Македонија кој посочува дека годинава, преку асоцијацијата, македонските иноватори успеаја своите пронајдоци да ги претстават на шест саемски манифестации, каде што добија златни медали.
Годинава Македонија се претстави на неколку меѓународни саеми за пронајдоци и иновации. Оттаму учесниците се вратија со повеќе златни медали. Колку може да кажеме дека Македонија има иноватори?
Во Македонија имаме една мала криза во однос на иноваторството. Ова повеќепати е истакнато. Во 2006 година имавме околу 340 иновации, домашни патентни пријави од наши домашни иноватори, за таа бројка да падне на 29 во 2016 година. Тоа е еден драстичен пад и во моментот кога забележавме дека македонското иноваторство оди надолу, дека дојде речиси до дното, Националната асоцијација се активираше максимално, почнавме со формирање здруженија, формиравме асоцијација и полека тој тренд почна да оди нагоре.
Овие последни две години имаме десетина иноватори кои ги следиме од самата патентна пријава. Им помагаме околу подготување на пријавата, околу регистрација на патентот, ги форсираме на меѓународни саеми, така што им овозможивме на нашите иноватори да излезат надвор. Она што го претставуваме денес е резултат пред сѐ на тоа работење.
За три месеци, од април до јуни, успеавме да излеземе на шест меѓународни саеми. Учествувавме во Москва, каде што Македонија првпат се претстави, и се надеваме во март ќе имаме уште еден кандидат за Москва. Учествуваме и во Мостар, Бања Лука, Белград, во Чешка, во Севастопољ, во Бугарија и очекуваме резултати од Канада, каде што исто така учествувавме на саем и ќе имаме настап во Кореја. Од четири саеми очекуваме награди и признанија.
Ова е првпат што се случува во Македонија, Националната асоцијација, односно наши иноватори да излезат на толку голем број саеми. Планираме оваа година да заокружиме најмалку 10 меѓународни саеми.
Досега во практиката македонските иноватори можеа да излезат на еден саем – Брисел, Нирнберг и евентуално во Кореја, како и на локалните во Белград и Бања Лука. Тоа беа саемите каде што долги години излегуваа нашите иноватори. Ова е првпат во една година наши иноватори да излезат на 10 саеми, што нормално има резултати. Имаме еден патент на Златко Панков, кој веќе се произедува и се извезува. Имаме друг патент што е во завршна фаза пред производство, односно направени се прототиповите за лежечкиот полицаец. Очекуваме набрзо да се стави во функција и да се почне со негово сериско производство. Марјан Ненов има еден доста интересен проект, што сѐ уште бара истражување, кое чини околу 100 илјади евра за изработка на прототипот. Се работи за една специфична електрична централа што ја собира светлината, која понатаму произведува електрична енергија и вишокот во тој процес на создавање на енергијата се ослободува и понатаму може да се користи за греење вода, за систем за топол воздух и модул за ладење.
Велите преговарате веќе за овој проект. Со кого и какви се очекувањата?
Договорено е начелно овој проект да влезе во еден од руските проекти, бидејќи Русија има голема поддршка за своите пронаоѓачи и научни и чисто иноваторски идеи што ги финансира со некои шест милијарди евра годишно, што за нас е незамисливо, така што проектот е влезен во рамки на еден од тие проекти што еден од институтите во Русија го вклопува во својот проект, кој е некаде десетина милиони евра. Се надеваме дека овој проект ќе биде прифатен.
Во Македонија немавте поддршка за проектот?
Некако нашите институции по однос на финансирање на иновациите би рекол се срамежливи. Сѐ уште не се опуштаат во нешто такво. Сѐ уште иноваторството е на некој начин нешто фиктивно, нешто што за нив не е интересно.
На пример, во опкружувањето, како Србија, се вложуваат големи средства, а имаат и министер за иновации. Ние имаме Фонд за иновации. Првпат оваа година фондот се вклучи во поддршката. Имаме константна поддршка од Државниот завод за индустриска сопственост и е успешна на некој начин. Секогаш сме имале поддршка со скромни средства, но за нас се доста големи. Така што овој саем што го правевме во Скопје, што е втор таков саем, се одржа во Домот на АРМ, каде што имаше изложувачи од 20 држави, што е завидна бројка. Имавме стотина патенти, научни трудови што беа интересни и веќе се прават комуникации за нивно етаблирање овде кај нас. Веќе некои од нив се произведуваат кај нив, така што може да се направи некоја размена со наши патенти во смисла на производство или евентуално некоја поддршка.
Кај нас сѐ уште повеќе доминираат политичките збиднувања отколку она што треба да се форсира, а тоа е креативноста, иновациите, тоа е нешто што ја подига економијата. Бидејќи без иновации нема ниту наука ниту економија.
Колку пронајдоци и иновации има во Македонија?
Се манипулираше со бројка од 13.000 иноватори. Меѓутоа тоа е бројка од пред 30 години. Имаме една група иноватори кои имаат по еден патент, евентуално два, со неможност да го пласираат кај нас и со немање средства да се направи таа патентна заштита што е број еден, бидејќи кога се прави некој патент, ако ја немате таа патентна заштита, што ви гарантира пазар, бидејќи патентот е правна категорија и го штити патентот на одредена територија. Во случајот ако имаме национална патентна пријава тогаш тоа е на територија на РМ, меѓутоа и самата економија не е во можност да ги апсорбира нашите патенти и затоа се укажа оваа потреба од формирање на Националната асоцијација, која ќе ги пласира патентите надвор од земјата и таму да се побара инвеститор.
Ја споменав важноста на патентната заштита што некои од институциите не го сфаќаат и акцептираат. Со една таква патентна заштита овозможувате на една територија тој патент како правна категорија да има монополско право, односно не смее никој друг да го произведува освен тој што го заштитил. Ако имате таква заштита без да имате прототип и без да имате готов производ, вие на некој начин можете многу полесно да најдете инвеститор, бидејќи тој едноставно го цени патентот и ако му одговара тоа што добива пазар од 500 милиони, ако се работи за заштита на европско ниво, може да направите патент, но ако не го заштитите, може кој било да го произведува.
Така што институциите би требало да го препознаат тој момент и повеќе да посветат внимание на патентната заштита. Во државава имаме задолжено министерство за помош на иноваторите како физички лица. Тоа е Министерството за економија, кое има фонд од пет илјади евра за сите иноватори. Ако кажеме дека пет илјади евра едвај стасуваат за една патентна заштита да добие во Европа тогаш тоа е минорна сума. Тука треба малку да се размисли и во Министерството и во Владата за тоа прашање, особено околу патентната заштита.
Освен од државата, како што велите, од која добивате минорна поддршка, од каде обезбедувате пари?
Оваа година нѐ поддржаа од Министерството за одбрана, особено за одржување на Саемот во АРМ. И минатата и оваа година добивме безрезервна поддршка од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, потоа добивме финансии од ЕЛЕМ, фирмата „Панекс“ и така успеавме да го направиме саемот. Поддршката е потребна за да можеме да ги планираме учествата на саемите.
Колку бизнис-заедницата има слух за поддршка на иноваторите да дојдат до пронајдокот?
Од она што го имаме како сознанија, доста наши иноватори имаат обиди да направат некој договор со наши компании, меѓутоа нашето стопанство генерално е паднато на многу ниски гранки. Имаме мали, средни фирми што едноставно не можат да ги апсорбираат сите иновации што ги имаме. Во моментов имаме дваесетина активни пронаоѓачи. Инаку, Националната асоцијација има повеќе од 100 члена.
Државата треба да обрне повеќе внимание на оваа дејност, бидејќи еден добар патент може да обезбеди средства колку еден годишен буџет на РМ.
Колку од овие патенти нашле можност да се произведуваат дома во Македонија, а колку во странство?
Постојат фирми чии патенти се произведуваат надвор и фирми што извезуваат свои патентирани производи. Сепак, многу е мал тој број. Од она што го имаме во последните две години тој пат да се изоди во вакви услови какви што се во Македонија, не само економски, туку и политички, малку сме настрана фрлени од оваа дејност во светот. Во развиените земји околу 23 проценти одат на трговија со патенти и лиценци.
Со ова излегување на меѓународните саеми правиме обид нашите иноватори да излезат надвор. За краток период стекнавме висок рејтинг во светската федерација, со голем број пофалби, признанија, медали.
Незаинтересираност на бизнис-секторот за иновации
Пред да го одржиме саемот во Скопје се обидовме да контактираме со Стопанската комора на Македонија, бидејќи вообичаено во светот главен организатор на вакви меѓународни саеми е секогаш стопанската комора. Поднесовме писмено барање и никој не нѐ контактираше. Баравме да ги известат нивните членки да дојдат на саемот, бидејќи има многу интересни пронајдоци. Самите пронаоѓачи бараат инвеститори, бараат ексклузивни застапници. Се работи за бизнис. Излегува дека Стопанската комора не ја интерсира бизнисот за нејзините членки. Година и пол се обидуваме да дојдеме до некого и да разговараме, едноставно не успеавме.
Исто така пред саемот се обидовме да контактираме и со Лекарската комора, бидејќи одреден дел од патентите од странците кои, исто така, бараа контакти со медицински лица во Македонија за да ја прошират својата метода и застапници. Испративме известување и во Лекарската комора и одговорот беше дека не го прават тоа.
Има неколку патенти што многу ветуваат, кои се во фаза на испитување во странство и кои искажаа сериозна заинтересираност да инвестираат во истражување.
Сузи Котева Стоименова