СЕЕ УРБАН е проект финансиран од Европската Унија, имплементиран од УНДП и е присутен во сите земји и територии на Југоисточна Европа. Проектот предвидува локалните власти и здруженија за цивилна заштита да се едуцираат во правец на соочување со урбаните ризици, а за таа цел веќе се одржани осум работилници со најдобрите експерти во таа област и две конференции, од кои последната во Скопје. Армен Григоријан, советник за климатски промени, отпорност кон несреќи и катастрофи во Регионалниот центар на УНДП во Истанбул, во интервју за МИА зборува за потребата од регионално поврзување во случај на природни несреќи, особено во менаџирањето со кризите.
Господине Григоријан, каква е важноста од регионалното поврзување во случај на катастрофи, природни непогоди, особено од аспект на управување со кризите?
-Веќе е познато дека катастрофите не познаваат граници, така што во таа насока регионалното поврзување е од приоритетна важност. Токму поради овие причини, прекуграничните активности и соработка ја прават работата за намалување на ризиците и подготвеноста за справување со природните непогоди поефикасна. Овој процес треба да почне од долу, да биде инициран од локалните служби за спасување и намалување на ризиците од катастрофи, особено оние што веќе функционираат, се институционализирани и се дел од проектот СЕЕ УРБАН (SEE URBAN). Системот на справување со кризи треба да почне на тоа ниво, на оние што први се справуваат кога ќе дојде до непогода или катастрофа, па преку националните агенции за цивилна заштита да дојдеме до унапредување на соработката во справување со урбаните прекугранични ризици.
Што, всушност, се подразбира под урбана отпорност?
-Од 2007 година, официјално, првпат во историјата, повеќе луѓе живеат во урбаните центри и градови отколку во руралните области. Урбанизацијата носи нови ризици, со кои треба да се справуваме на систематски начин. По дефиниција, урбаната отпорност е способност на кој било урбан систем бргу да закрепне по која било потенцијална несреќа. Затоа, мора примарно да се фокусираме на проблемот со урбанизацијата и податокот дека бројот на населението во урбаните средини се зголемува на сметка на населението во руралните средини. Се очекува во 2030 година околу 60 отсто од светската популација да живее во урбаните средини и во регионот на Југоисточна Европа урбаната експанзија е на едно високо ниво и придонесува многу за високиот процент. Всушност, урбаната експанзија во комбинација со климатските промени и брзото зголемување на бројот на катастрофи на светско ниво бара од нас да се справуваме со прашањето на комплетна урбана отпорност. Затоа, мораме да ги зајакнеме капацитетите на локалните власти кои се изложени на несреќи за да бидат поотпорни да можат да одговорат навремено и ефикасно во случај на несреќи.
Каков вид активности се предвидуваат во регионот преку СЕЕ УРБАН-иницијативата?
-СЕЕ УРБАН-проектот смета дека прво и најприоритетно што треба да се направи е формализирање на соработката на локално ниво во справувањето и намалувањето на ризиците во урбаните места за секоја земја поединечно. За да се постигнат сите овие резултати, СЕЕ УРБАН досега има одржано две големи регионални конференции како оваа во Скопје, повеќе дебати и дискусии. Проектот исто така предвидува и локалните власти и здруженија за цивилна заштита да се едуцираат во правец на соочување со урбаните ризици и во таа цел се одржани осум работилници со најдобрите експерти на тоа поле. Исто така, првпат на овие простори, СЕЕ УРБАН создава електронска библиотека во која ќе се споделуваат и општините и организациите ќе имаат онлајн пристап до сите информации поврзани со намалувањето на ризиците од катастрофи и искуствата поврзани со справувања со природните несреќи. Сите овие активности влијаат на промена на приодот и начинот на размислување на локалните власти за меѓусебна помош и поврзување за време и по природните непогоди.
Колкав е бројот на општини и организации што се опфатени со проектот СЕЕ УРБАН?
-СЕЕ УРБАН е проект финансиран од Европската Унија, имплементиран од УНДП и е присутен во сите земји и територии на Југоисточна Европа. Досега со задоволство можеме да кажеме дека имаме основано 11 платформи за справување и намалување со ризиците за време и по катастрофи. Уште поважно е што поврзавме 283 општини и организации што учествуваат активно во оваа регионална иницијатива. Така што слободно можеме да кажеме дека СЕЕ УРБАН (SEE URBAN) е иницијатива на едно глобално ниво. Освен општините и организациите од Југоисточна Европа, во иницијативата се приклучија и општини од Централна Азија, Источна Европа и Јужен Кавказ за да ги споделат своите искуства и да се стекнат со нови знаења во справување со ризиците од катастрофи.
Дали можете да ни посочите некој пример, најдобра практика што може да се примени во регионот на Југоисточна Европа?
-Не мора да одиме далеку за да бараме најдобри примери за иницијативи за урбана отпорност. Всушност, ги имаме токму овде во регионот на ЈИЕ. Една од успешните приказни е примерот со концептот на „паметни градови – smart cities“, проект што го спроведува УНДП. Целта на овој проект е да се зголемат институционалните капацитети, да се мобилизира науката и да се размени соодветната најдобра практика на иновативни технологии во градовите Скопје, Ереван и Унгени. Во насока на урбаната отпорност овие концепти се многу важни, бидејќи ги подобруваат услугите што имаат влијание врз непогодите, како справување со отпадот, пороите итн… Еден проект што произлезе од оваа програма е Отпорно Скопје – Стратегијата за климатски промени на Градот Скопје.
Дали е предност или недостаток тоа што во оваа група една земја е членка на Европската Унија, а другите не се?
-Токму во овој проект СЕЕ УРБАН, овој факт е од клучно значење и голема придобивка. Секој проект финансиран од ЕУ треба да има таканаречена „европска димензија“, така што од голема важност е да имаме искуства од земја членка на ЕУ, како што е Хрватска, која е во најдобра позиција да ги сподели своите најдобри искуства. СЕЕ УРБАН е примена и адаптација на еден претходно тестиран модел за намалување на ризиците од катастрофи што доаѓа од Хрватска и може да се применува во другите земји и територии како европски пример.
Каква е актуелната состојба со системите за рано предупредување во земјите од регионот, особено во случај на поплави или шумски пожари?
-Кога зборуваме за системите за рано предупредување обично ги поврзуваме со метеоролошките и хидролошките прогнози и нивната можност за мониторирање и предвидување. Системите за рано предупредување се многу поширок сет капацитети и тие се различно развиени кај земјите од ЈИЕ. Затоа, треба да има поврзување и размена на информациите меѓу различните земји. Треба да постои заеднички пристап, стандардизација на моделите за рано предупредување, за тоа се потребни вештини, експертиза и материјални и технички ресурси. Добар пример за систем за рано предупредување во регионот е оној во Босна и Херцеговина.
Постојат ли некои универзални правила потребни за успешно справување со катастрофи и кризен менаџмент?
-Сите глобални препораки се содржани во Сендаи рамката 2015-2030. Овој концепт содржи четири приоритети за акција, разбирање на ризиците од катастрофи, зајакнување на управувањето со ризици од катастрофи, инвестирање во намалување на ризиците од катастрофи и отпорност и подобрување на подготвеноста за обновување и концептот „да се изгради повторно и подобро“.
Како новинар, заинтересиран сум за комуникацијата во време на непогоди и периодот на посткатастрофи?
-Информирањето и комуникацијата во различни видови катастрофи се одвиваат на различен начин. Катастрофите што се случуваат побавно можеби бараат нормално, како и секојдневно информирање. Оние несреќи што се случуваат бргу бараат и брзо ширење на информациите. Непредвидливите настани, кои претставуваат закана за човечките животи, предизвикуваат големо внимание кај медиумите и јавноста. Бидејќи несреќите предизвикуваат несигурност и стрес, од најголема важност е кризната комуникација да биде брза, соодветна и базирана на потврдени и навремени информации. Од голема важност е исто така дека службите за спасување и справување со кризи и медиумите треба да создадат еден партнерски однос во случај на кризи и несреќи, бидејќи и тие имаат иста цел, навреме да информираат и предупредат. Ова партнерство треба да постои и пред, и за време, и по кризи. Треба да постои план за комуникација што ќе биде тестиран и подобруван по секоја несреќа. Накратко, овој комуникациски план мора да биде базиран на проактивна и пријателска врска меѓу службите за справување со кризи и медиумите. УНДП има развиено специјален курс за тренинг на новинари, кој беше промовиран во регионот во 2018 година и се надеваме на натамошна успешна соработка со медиумите.
Ристо Тасев