Интердисциплинарната програма„Радикално образование” на Музејот на современата уметност – Скопје во соработка со PLAYUK фестивалот на Британскиот совет денеска и утре организира јавно предавање и работилница Unearthing State Violence со Forensic Architecture.

Работилницата ќе ги запознае учесниците со новите проекти на Forensic architecture преку кои ќе добијат увид во истражувачките методи и предизвици на оваа група.

Предност за учество имаат апликантите кои имаат искуство и интерес за уметничките пракси и истражувања во полето на заштитата на човековите права, при тоа вклучувајќи визуелни методологии од различни аспекти и профили (архитекти, дизајнери, визуелни уметници, писатели, куратори и активисти).

Forensic architecture е мултидисциплинарна истражувачка група од Голдсмит, Универзитетот во Лондон. FA спроведува современи архитектонски и медиумски истражувања на случаи поврзани со државен криминал и кршење на човековите права и тоа во име на меѓународни обвинители, организации за заштита на човекови права како и политички и еколошки групи кои се залагаат за правда.

Во последниве неколку години, ФА успешно ги тестирaше и ги употреби своите методологии во голем број значајни правни случаи како и случаи каде се утврдија повреди на човековите права, при тоа во соработка и во име на заедниците кои се под закана, невладини организации, обвинители како и Обединетите Нации.

Forensic architecture е номинирана за овогодинешната награда Тарнер, на Музејот Тејт.

„Радикално образование“ е интердисциплинарна програма за креирање на критички модели на знаење, како и развој и промоција на теоретски пристапи и уметнички практики во и надвор од Музејот на современата уметност во Скопје. Програмата има тематски фокус на области кои се однесуваат на современите уметнички практики и теорија, културните студии и историјата на уметноста, а нејзини автори се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, соработници на Музејот на современата уметност – Скопје.