На сцената на Националната установа Центар за култура, Крива Паланка продефилираа околу сто и педесет млади играорци, учесници на детскиот фолклорен концерт. Учествуваа најмладите членови од Културно-уметничкото друштво „8 Октомври”, кое работи во рамките на НУЦК, Крива Паланка и Ансамблот за фолклор „Плетенка”, Битола.
– Интересно е што на овој концерт настапија дечиња, играорци до петнаесет години, а некои со само пет или седум години, дел од нив вежбаат неполни два месеци и за прв пат настапија пред публика, во народни носии. Учесниците се претставија со кореографиите: песни и игри од Источна Македонија, Егејска Македонија, сплет игри од Пиринска Македонија, Бувчанско оро – изјави Мира Ѓоргиевска, директорка на НУЦК Крива Паланка.
Според неа, концертот е мотивација за најмладите играорци да напредуваат во совладување на кореографиите.
– Целта е дечињата да другаруваат и да ги негуваат позитивните вредности од народната традиција, да развиваме здрава младина во општината, далеку од современите пороци – додаде Ѓоргиевска.