Во рамки на проектот „Спортуваме, другаруваме”, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски ги посети децата во специјалното училиште ПОУ „Д-р Златан Сремец”.

– На средбата дечињата пред градоначалникот ги покажаа своите спортски вештини, кои со помош на своите наставнички и негувателки успешно ги изведоа во холот на училиштето. Децата имаа можност да се запознаат и да се дружат со градоначалникот, кој им подели 120 маички на кои го пишува името на општинскиот проект „Спортуваме другаруваме”, наведоа од Општина Кисела Вода.

Директорката на училиштето, Марија Делетиќ го информираше градоначалникот за тековните активности што ги преземаат, како и за потребите и проблемите со кои се соочуваат.

Темелковски најави дека следната година Општина Кисела Вода ќе го снабди училиштето со спортски реквизити со кои би се мотивирале децата повеќе да спортуваат, со што ќе им се излезе во пресрет за дел од нивните потреби.

Тој посочи дека училиштето за потребите на децата во иднина ќе може непречено да ги користи спортските сали „Независна Македонија” и „Архиепископ Доситеј”.