Интервју на Горан Таневски за Макпрес.мк
Се враќате после долго време на музичката сцена. Што Ве натера на таков чекор?
-Долго време бев отсутен од јавноста, се собра поголем материјал кој од разни причини не го виде светлото на денот. Во меѓувреме се преселив и живеам на планина. Тежината што ја носев со нереализираниот материјал и одредени околности кои се отворија, ме врати назад во колосек. Сфатив дека за да продолжам напред морам да ги завршам и споделам работите кои останале незавршени.
Зошто Горан Таневски се враќа токму со проектот "Мизар – Друго откровение" ?
-За да одговорам на ова прашање ќе мора да се навратам на симболичното значење на Мизар. Покрај тоа што кај нашите претци "Мизар" била ѕвезда водилка истата се користела и во офталмологијата. Единствено слепите, кратковидите и лицемерите не можеле да видат дека Мизар се всушност две ѕвезди. Сепак ова е сосема друг проект и свесно се соочив со големата тежина и одговорност (дали поради добри и лоши спомени) покрај моето име да стои МИЗАР – Друго откровение. Чувството кое го имам на една недореченост ќе го пренесам низ трилогија (три албуми) а за останатото нека суди историјата и на крај се надевам дека луѓето што ќе ме следат во овој проект во иднина ќе го продолжат.
Дали сте спремен за нова музичка револуција ?
-Отсекош сакав да истражувам и работите да ги гледам низ поинаква призма. За себе велам дека додека другите купуваат лосион за после бричење јас сам си го правам. Се додека постои циничност, "еготрип" и посесивност, уметноста не може да се надева на ништо добро. Единствено соработката може да стреми кон повисоки цели. Да, во таа слика би сакал да бидам провокатор.
Кога ќе ја погледнете нашата музичка сцена што прво Ви паѓа на памет? Дали и каде заглави македонската музика ?
-Мислам дека проблемот не е од сега, туку дека во денешно време е поочигледен. Отсекогаш недостасуваше соработка меѓу музичарите, но денес таа соработка е падната на најниско ниво. Меланхоличноста која владее во општесвото очигледно дека ја добива битката со креативноста. Се надевам дека војната нема да ја добие. Доколку сакате, ќе ја видите светлината.
Вашето враќање на музичката сцена официјално ќе го одбележите на 22 ноември, денот кога ќе се одржи вашиот концерт во барот "Колектив" на градскиот плоштад во Скопје. Како се одвиваат подготовките за овој настан?
-Во денешно време има многу одлични музичари, но нема луѓе. Едноставно, недостасува "човечност" во луѓето. Кога работите со вистински луѓе, работите можат да одат само во вистинска насока. Во моментот работам со луѓе со кои одлично се разбираме и верувам дека тој флуид ќе го пренесеме и на 22-ри ноември. Секако, за организацијата на настанот да биде комплетна се погрижија од Крафт Пиварата "Темов" кои се и покровители на истиот.
Што треба да очекува публиката на 22-ри Ноември во Колектив ?
-Македонската публика е пред се строга. Јас не можам да кажам што да очекуваат бидејки Мизар секогаш имал убава и интелигентна публика, а нивната реакција на овој концерт ќе биде показател на вредностите со кои ќе се сретнат. Јас единствено можам да кажам со што можат да се сретнат, а тоа е енергијата од судирот помеѓу минатото и иднината. И на крај.....ова е само почеток.
Кои се следните проекти кои планирате да ги реализирате?
Трилогија. Како што претходно напоменав, во изминативе години се собра голема количина на материјал. Концептот на приказна за еден живот (може да биде било чиј) ќе биде пресликан на три албуми. Првиот албум со наслов "АСЦЕНД" ќе се појави во Март 2019, "МОРЕ" кон крајот на истата година и приказната завршува со албумот "СРЕЌЕН СУМ ДУРИ И БЕЗ СЕБЕ" кој е планирано да биде промовиран кон средината на 2020 година. После тоа се враќам на планина и се надевам дека ќе има крај како и во секоја приказна – живееше среќно до крајот на својот живот.
Автор: Бојан Галевски