Во општина Македонска Каменица денеска се одржува седмата седница на Советот за развој на Источниот плански регион на која се разгледува и утврдува годишната листа на предлог проекти за развој на ИПР за 2019 година. Од вкупно 10 проекти кои влегоа во потесниот круг за реализација преку програмата за регионален развој, четири успеаја да добијат најмногу гласови од присутните градоначалници.

Еден од проектите кој ја доби довербата на Советот е проектот со кој се предвидува изградба на пешачка патека на река Брегалница, проект кој како што истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски е приоритет во делот на комуналната сфера.

-Планираме проектот да го реализираме во следната буџетска година, значи многу за општина Берово. Тоа е проект за партерно и хортикултурно уредување на дел од кејот на река Брегалница кој долги години наназад е како приоритет во решавањето на дел од проблемите во комуналната сфера. Се надевам дека со него ќе го подобриме квалитетот на живот за граѓаните на општина Берово, рече Пекевски.

Средства од Бирото за регионален развој ќе добие и општина Пробиштип, проект со кој како што истакна градоначалник Драган Атанасов, општината ќе ја добие првата минеролошка збирка преточена во музеј.

-Чест ми е што ќе имаме можност да го реализираме проектот за изградба на Регионален туристичко-научен музеј за ретки минерали. Имаме еден преубав проект во делот на рударството со кој на површина од 176 квадрати ќе добиеме минеролошка збирка, впрочем ќе го истакнеме она по што општина Пробиштип е позната, рече Атанасов.

Освен овие два, со средства на Бирото за регионален развој ќе се реализираат и проектите на општините Зрновци и Чешиново-Обелешево. Во Зрновци ќе се реализира втората фаза од изградбата на етно-парк, додека фекална канализација ќе се гради во општина Чешиново-Облешево.