Отворените податоци од јавните институциите иако нудат можности многу малку придонесуваат за развој на нови производи и услуги. Стариот систем не е во функција, а и додека беше достапен не нудеше доволно податоци, ниту пак расположливите се ажурираа. Во тек е изработка на нов систем и негово полнење од страна на јавните институции, кој според најавите треба да биде пуштен до крај на месецов, но конкретни бенефити од користење на таквата можност вклучените во процесот очекуваат за една до две години.
Што повеќе институции да ги отворат податоците и да ги ажурираат
Според Љупчо Вангелски, директор на Вејпр Апликации ДОО Скопје, моментно главниот проблем е податоците да се стават во соодветен формат за да можат автоматски да бидат поставувани, пристапувани и користени.
– Податоците се отворени во поглед на тоа дали се јавно достапни или не. Но вистинската суштина на отворените податоци се нивно автоматизирано поставување, документиран начин за нивно каталогизирање, документиран начин за нивно автоматско превземање Во поглед на овие точки, состојбата не е на високо ниво, но сепак со новодонесениот правилник и новиот систем, се очекува во следните две години значително подобрување, изјави за МИА Вангелески, кој е претставник од МАСИТ во работната група за изработка на Национална Стратегија за отворени податоци на Министерствто за информатичко општетсво и амдинистрација.
Како што вели Вангелески, сега отворените податоци многу малку придонесуваат за развој на нови продукти. Стариот систем не е во функција, а новиот e сѐ уште во фаза на изработка и полнење од страна на јавните институции. Најважен дел од целиот процес на објавување и користење на отворени податоци е да им се олесни на институциите, автоматизирано да ги доставуваат, со соодветна фреквенција и соодветен формат. Забележена е посветеност од страна на Владата за решавање на ова прашање и во очекување во следните 12-24 месеци да се наполни базата и да се воспостави одржлива процедура за поставување и користење на отворените податоци. После тоа, би можеле да се согледаат вистинските бенефити, од академската, како и од бизнис заедницата во РМ, вели Вангелески.
Нов портал до крај на годината
Од Министерството за информатичко општество и администрација објаснуваат дека претходниот портал за отворени податоци не е во функција, затоа што во изминатиот период активно работеле на нов портал, што наскоро ќе биде пуштен во употреба. Од тие причини, како што велат, не може да се направи анализа на искористеноста на податоците објавени на тој портал, но тоа што можеме да кажеме е дека во минатиот, кај институциите постоела ниска свест и политичка волја за отворање на податоците кои тие ги креираат и кои треба да се лесно достапни за сите кои имаат интерес.
– Тоа значи дека многу мал број информации беа содржани на стариот портал. Таа пракса сега се менува, и новиот портал за отворени податоци, ќе претставува платформа каде на лесно достапен начин ќе бидат презентирани сите податоци. Порталот постојано ќе се ажурира, и секојдневно ќе се зголемува бројот на податоци, како и институции кои ќе објавуваат на овој портал, наведуваат од МИОА.
Оттаму истакнуваат дека моментно се работи на финализирање на новиот портал за отворени податоци. Работната група за отворени податоци е во постојана координација со сите институции кои поседуваат податоци кои треба да бидат објавени на новиот портал. Работиме интензивно на комуникација и координација со сите институции, за да може сите податоците што ќе ги објават на порталот да бидат издржани и употребливи. Како главен чекор што е преземен е всушност самиот портал како алатка за лесен пристап до информациите и нивно користење, пропратен со средби со инволвираните страни за истиот да биде функционален. Голем број на министерства веќе ги објавија дел од податоците, а до крајот на годината, порталот за отворени податоци треба да ги поседува потребните информации и да биде пуштен во употреба, информира МИОА.
Во Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци што ги донесе Владата летово, во освртот на состојбите од претходниот период се констатира дека информираноста на пошироката јавност, па дури и на државните институции за концептот на отворени податоци и неговите придобивки е многу мала. И покрај спроведувањето на промотивните активности, просечниот број на посети на порталот изнесувал само 700 месечно. И употребата на веќе објавените отворени податоци била релативно ниска. Најпреземан податочен сет бил адресарот на детски градинки во Македонија, по кој следел државниот буџет со 146 преземања. Како резултат на ниската свест и информираност за отворените податоци и квалитетот на обезбедените податочни сетови имало само три апликации кои користат отворени податоци.
Поддршка за старт ап компании што ќе работат со отворени податоци
Откако ќе профункционира новиот портал се очекува бизнис заедницата да биде меѓу клучните корисници на објавените отворени податоци, кои, како што велат од МИОА, се ефективна алатка за иновации, раст и транспарентно управување. Нивната употреба може да придонесе во унапредување на отвореноста и довербата во Владата, како и во формирање повитален бизнис сектор и активно граѓанско општество кое придонесува кон развојот на македонското општество и економијата во целина, истакнуват од ресорното Министерство.
Стратегијата и Акцискиот план, меѓу останатото, предвидуваат да се даде поддршка на старт ап компании кои ги базираат своите бизнис идеи на отворени податоци, преку Фондот за иновации и технолошки развој.
– Образовниот систем, исто така, треба да биде вклучен во развојот на високо ниво на „податочна писменост“ што бара соработка со образовниот сектор, со цел да се најдат начини за вклучување на „податочната писменост“ во нивната наставна програма, стои во Стратегијата.
Лидија Велковска