Учесници на протестен митинг против пристапувањето на Словенија кон Глобалниот пакт за миграцијата денеска го блокираа влезот на Парламентот во Љубљана и го запреа движењето по улиците.
Во протестот се вклучија неколку стотици демонстранти кои вееја знамиња, а некои од нив носеле и националистички симболи. Дел од демонстрантите носеле и жолти елеци, за да изразат солидарност со француските демонстранти. Тие го блокираа движењето по улицата која се наоѓа во близина на Парламентот, и го блокираа патот кон главниот влез на зградата.
Некои демонстранти носеа транспаренти со антимигрантски слогани и извикуваа обвинувања за измама на државата против премиерот Марјан Шарец.
Протестот поминува без проблеми а полицијата ги пренасочува автомобилите и јавниот превоз на други улици за да се избегне сообраќаен метеж.
Учесниците на меѓународната конференција на ОН денеска во Маракеш, Мароко, го одобрија Глобалниот пакт на ОН за миграција, насочен кон зајакнување на меѓународната соработка со цел „сигурна, редовна и легална“ миграција. На конференцијата присуствуваа претставници на повеќе од 150 земји од целиот свет.