Кај Белата кула во Солун се одржа протест на „македонски здруженија“ што сакаат да го искажат своето противење на Преспанскиот договор.

Големи полициски сили се на местото, кои формираа кордон околу кулата, додека група демонстранти се обидоа да го пробијат кордонот, што предизвика тензии, пренесува МКД.мк

Околу 2.000 полицајци беа присутни во градот за да спречат немири, додека властите беа на штрек поради две лажни пријави на бомби.

Пријавата на бомба преку телефонски повик во Палатата на спорт, стадионот каде што пред својата партија зборуваше премиерот Алексис Ципрас, се покажа лажна.

Демонстрациите се одржаа против употребата на зборот „Македонија“, а анархистички групи одржаа контрамитинг во Камарес.

За време на говорот на Ципрас, демонстрантите се обидоа да се пробијат во канцелариите на партијата СИРИЗА, но полицијата ги оттурна назад. Немирите беа проследени со солзавец и бучни гранати од страна на полицијата, при што демонстрантите се повлекоа назад кон Белата кула.

Претходно од Атина лидерот на грчката опозиција го нападна Ципрас по повод Преспанскиот договор што го потпиша со Македонија.

„Го обвинувам господинот Ципрас зашто кажа 'да' за тоа за кое шест премиери рекоа 'не', односно за признавање на наводниот македонски јазик и етничка припадност“, рече Киријакос Мицотакис на 12. конференција на Неа демократиа.

Во Солун во моментов е и премиерот Алексис Ципрас, кој, според Катимерини, сака да ги придобие гласачите во северна Грција.