НАТО ќе ја "ревидира" својата континуирана 19 годишна мисија во Косово, предупреди шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг, откако Приштина гласаше да создаде своја армија, пренесоа агенциите.

Столтенберг изјави дека жали за одлуката да се создаде професионална армија од 5.000 војници, поздравена од многу косовски Албанци како потврда на државноста.

Мировните сили предводени од НАТО, го сочуваа Косово, откако се отцепи од Србија по крвавата војна во 1998-99 година, но Столенберг изјави дека мисијата, чија бројност е 4.000 борци, ќе треба да биде преоценета.

"НАТО го поддржува развојот на Косовските безбедносни сили под сегашниот мандат. Со промената на мандатот, Северноатланскиот совет ќе треба да го преиспита нивото на ангажираност на НАТО со Косовските безбедносни сили", изјави Столтенберг.

Белград го осуди овој потег, изразувајќи загриженост за безбедноста на 120.000 Срби кои живеат во Косово, каде мнозинството од жителите се Албанци.

"Сите земји треба да гарантираат дека денешната одлука нема да ги зголеми дополнително тензиите во регионот", изјави Столтенберг, повикувајќи "одговорните политички актери" да се фокусираат на дијалогот. "Го повторувам својот повик до Приштина и Белград да останат мирни и да се воздржат од какви било изјави или дејства кои можат да доведат до ескалација", изјави уште шефот на НАТО.

Косово и Србија се борат да постигнат напредок во преговорите со посредство на ЕУ, за да ги нормализираат своите врски. Односите се заладија сериозно минатиот месец откако Косово воведе 100 % царина за српските производи во одговор на обидите на Белград да го блокира приемот на Косово во различни меѓународни организации, вклучувајќи ги Обединетите нации, и лобирањето на странските влади да го повлечат признавањето на државноста на Косово.