Пишувањето за мене е поврзување со другите луѓе, со Создателот. Но, кога почнав да пишувам за тоа како го изгубив татко ми, сфатив дека ако ја раскажам приказната како што беше, ќе биде многу кратка и безнадежна, бидејќи бев многу депресивна. Си реков: „Мора да најдам начин да се претворам себеси во приказнава во друга жена и мора да најдам некој начин да ѝ помогнам.“

Ова го вели во интервју за МИА израелската писателка Михал Сегал Арнолд, чија книга „Ринго и јас“, во издание на издавачката куќа „Магор“, беше промовирана деновиве во Скопје.

Таа во интервјуто зборува за нејзината поврзаност со легендарната четворка од Ливерпул – „Битлси“, но и за влијанието на културата и традициите на американските Индијанци, со кои се запознала одблиску за време на нејзиниот 10-месечен престој во племето на Дакота Сијуксите по повод изработката на нејзиниот труд.

-Карактеристично американско-индијанско верување е дека на светов доаѓаме со одредена дарба и целта во животот ни е да откриеме каква е таа дарба и да им ја даваме на другите. Тоа нè враќа на тоа како самата се излекував, а сега им помагам на другите да се лекуваат преку книгата. Ова е уште една многу американско-индијанска работа: раскажувањето приказни. Тие само ви раскажуваат приказна, оставајќи ви вам да си извлечете поука од приказната и каква. Американските Индијанци веруваат во тоа, а сигурно и другите култури, „ако сакате да му помогнете на некого, ништо нема да ве спречи“, вели Арнолд.

Како станавте писателка?

-Пишувам цел живот, уште од најрана возраст. Имам објавувано текстови во разни списанија. Aдвокатка сум и имам докторат по политички науки, па сум објавувала и стручни трудови. Сум пишувала и за патувања, за уметност, за архитектура. Но, ова ми е прва книга. Излезе во Израел пред четири години, а доживеа и второ издание. Од Израел сум, но во 90-тите живеев со американски Индијанци. Живеев во куќата на нивниот духовен водач, така што црпам идеи за книгите од американско-индијанската духовност. Па така, оваа книга е за способноста на душата да патува низ времето и просторот за да ги лекува луѓето. Сега пишувам низа книги со наслов „Како да сакаш некого што менува облици“. Индијанците веруваат дека некои луѓе можат да го сменат својот изглед од човек во животно и потоа пак да си го вратат човечкиот облик. Многу сакам да пишувам.

Што Ве инспирира да ја напишете оваа книга?

-Татко ми почина. Ми беше многу тешко. Долго време го жалев. И никако не ми поминуваше. Ова беше откако живеев со Индијанците, па си реков: „Имаш духовно знаење и им помагаш на другите да пребродат разни тешкотии. Зошто не можеш да ја надминеш сопствената жалост?“ Поминаа четири години. Четири години, за американските Индијанци, е симболично време, церемонијално време. Има четири годишни времиња и има четири страни на светот, така што за нив четири е силен број. Тогаш си реков: „добро, ќе мора да пишувам за ова“. Бидејќи пишувањето за мене е поврзување со другите луѓе, со Создателот. Но, кога почнав да пишувам за тоа како го изгубив татко ми, сфатив дека ако ја раскажам приказната како што беше, ќе биде многу кратка и безнадежна, бидејќи бев многу депресивна. Си реков: „мора да најдам начин да се претворам себеси во приказнава во друга жена и мора да најдам некој начин да ѝ помогнам“. Додека жалев, луѓето почнуваа да ми велат: „оф, помина толку време, зошто сè уште си тажна? Треба да го надминеш ова… Им велев: „имам свој ритам! Ова е мојот процес“. Па решив дека хероината во книгата ќе мора да најде други ожалостени луѓе. А, знаете, како дете на шеесеттите – родена сум во 1967 г. – отсекогаш ги сакав „Битлси“… Кога го убија Џон Ленон тогаш првпат доживеав жалост. Иако лично не го познавав, тој беше важен во мојот живот. И кога умре, бев шокирана, бев во жалост. Почувствував вистинска тага. Сите тогаш одеа во куќата Дакота за да го оплакуваат. Значи, си реков, хероината, во нејзините соништа, ќе оди во куќата Дакота во 1980 г. – бидејќи приказната се одвива во 2012 г. – и ќе тагува со нив, што ќе ѝ помогне да излезе од жалоста. Бев толку одушевена од идејата што таа ноќ не можев да спијам. Па го вклучив телевизорот и почнав да гледам еден филм за 70-тите, кога во филмот стана збор за убиството на Џон Ленон. Си реков: „Само што размислував за ова и еве го на телевизија!“ Потоа спомнаа дека Ринго Стар отишол таму. Не го знаев тоа. Не бев ни помислила на Ринго Стар, бидејќи идолите ми беа Џон и Пол. Но, во филмот кажаа дека Ринго Стар со сопругата, кои биле на Бахамите, оставиле сè и дошле кај Јоко Оно. Си помислив: „ова е неверојатно! Хероината од мојата книга може да оди во куќата Дакота за да тагува со луѓето – во соништата – а потоа Ринго Стар ќе ја види од станот на Јоко Оно и ќе ја покани да тагува со нив. „Ова е супер! Но, тогаш си реков: „ова ѝ се случува во соништата. Како ќе знаат читателите дека е така?“ И тогаш ми дојде идејата да биде патник, нејзината душа да минува низ времето и просторот за таа да може да го лекува во текот на неговиот живот, па тогаш тој ќе може да ја види.

Оттаму ми дојде идејата. Го оплакував татко ми и најдов начин да излезам од таа тага преку поврзаноста со тие што го оплакуваа Џон Ленон. Сите можеме меѓусебно да се лекуваме, не е важно каде сме, имаме моќ да се лекуваме едни со други.

Значи, тоа е главната порака на книгата?

-Главната порака е дека можеме да се лекуваме едни со други. Но, потоа ми се случи нешто неверојатно. Мислев дека само раскажувам приказна, но луѓето почнаа да ја читаат книгата и да ми се јавуваат за да ми кажат дека сум им помогнала со некоја криза. Ми викаа: „минувам низ ова – не само нечија смрт, туку и: го имав овој проблем на работа, овој проблем со девојка ми, оваа криза со шефот, овој проблем со детето… И ја прочитав книгата и ми помогна да ја надминам таа криза. Ми се обратија, што е неверојатно. Често читаме книга и сакаме да разговараме со писателот. Дури и Селинџер го вели тоа во „Ловец во ‘ржта“. Но, колку често го правиме тоа? Потоа некој ми рече, ја читав книгата и почувствував дека ме држиш за рака. Или, ми се чинеше дека ми зборуваш само мене. Такви работи. Ми рекоа дека има нешто лековито, нешто многу духовно во книгата.

Сте живееле со американски Индијанци. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу нивните ставови за природата и денешниот начин на живот?

-Сите сме загрижени за животната средина. Се чувствува промената на климата. Имам 52 години и знам дека зимите сега се поинакви од зимите кога бев дете. Кога Европејците дошле во Америка, таму имало само неколку милиони Индијанци и Европејците се прашувале „зошто?“. Индијанците отсекогаш знаеле како да живеат во рамнотежа со природата: жените знаеле кога да забременат и кога да не забременат. Знаеле каде е кое племе, каде е водата, кои животни се таму, како да се однесуваат со нив. Многу од нивните табуа во врска со природата – како кога некое племе вели: „Не оди на тоа место!“ – всушност имаат цел да го заштитат самото место, бидејќи можеби оттаму доаѓа водата и не сакаат да ја загадат. Важно им е да водат живот во рамнотежа со природата. Важен им е и начинот на кој живееме едни со други. Американските Индијанци не размислуваат за Бог како нешто одделно; нивниот Бог не казнува. Тие размислуваат за Создаденото и за Создателот како еден систем во кој – Вие, книгава, јас, музиката, другите луѓе тука, дрвјата надвор – сè е поврзано со сè друго. Ако нешто ти се случи тебе, ѝ се случува и нејзе, ми се случува и мене. Значи, мојата должност е да ја направам Земјава добра за живеење за сите, дури и ако не ми се допаѓа онаа личност онаму.

Колку долго живеевте со нив? Како се облекуваат, на кој јазик зборуваа? -Живеев со нив десет месеци. Се облекуваат како сите други, во секојдневието. Но, во церемониите користат и пердуви и мониста, и сè. Зборуваат англиски. Духовниот лидер беше последниот од Дакота Сијуксите што го зборуваше нивниот јазик. Дваесет и шестмина, толку беа на број. Бевме сигурни дека јазикот ќе им изумре. Кога неодамна се вратив – јазикот се зборуваше! Го возобновиле. Зеле пример од мојот народ. Знаете, хебрејскиот јазик бил мртов јазик цели 2.000 години, ама го возобновија, па сега го зборуваме и книгава е напишана на хебрејски. Си рекле: „Ако можеле тие да успеат, можеме и ние!“ Отвориле училишта за да ги учат тие јазици и церемонии, што е прекрасно.

Значи, Вие им дадовте нешто од Вашата култура и тие Ви возвратија со нешто од нивната.

-Да, но и од самата себе. Ова е карактеристично американско-индијанско верување, дека на светов доаѓаме со одредена дарба и целта во животот ни е да откриеме каква е таа дарба и да им ја даваме на другите. Тоа нè враќа на тоа како самата се излекував, а сега им помагам на другите да се лекуваат преку книгата. Ова е уште една многу американско-индијанска работа: раскажувањето приказни. Тие само ви раскажуваат приказна, оставајќи ви вам да си извлечете поука од приказната и каква.

Што мислите за Македонија? Како се случи да соработувате со „Магор“?

-Им го пратив ракописот. Го познавам израелскиот амбасадор тука и сакав да ја испратам книгата на македонски издавачи. Сопственичката, Павлина, ја прочита книгата и многу ѝ се допадна. Ова постојано ми се случува. Некој ќе почне да ја чита книгата и не може да престане. Ми се јави и разговаравме повеќе од еден час. Имавме многу заеднички нешта. Тоа заедништво го почувствував со многумина во Македонија. Ова ми е првпат да сум тука, но има нешто тука, некоја врска. Ми се допаѓа реката. Градот е интересен, како и луѓето. Интересни се и полни се со љубов. Се надевам дека и за нив книгата ќе биде лековита. Американските Индијанци веруваат во тоа, а сигурно и другите култури, „ако сакате да му помогнете на некого, ништо нема да ве спречи“.

Виолета Геров Фото: Фросина Насковиќ