Виното спријателува, тоа не знае за поделби, вака изјавија за МИА љубителите на божествената течност, кои неодамна ги сретнавме на вински саем во Солун.
-Рековте дека доаѓате од Тиквешијата, знаеме дека тој крај е познат по многу грозје и производи од гроздовите зрна. Го знаеме вашето вино, сме пробале многу од вината произведени во Тиквешкиот регион. Имате квалитетни и помалку квалитетни производи, како впрочем и во Грција и насекаде во светот, коментираа некои од винарите, додека ние дегустиравме од нивните вина.
Се сретнаа младоста и искуството
Младоста и искуството се сретнаа на штандовите на кои беа наредени вината произведени во различни винарии, македонски енолози разговараа со грчки околу сортите на вино кои се пробуваа, вкусот и аромите, шмекот.
-Ова е период на вински салони кога насекаде на Балканот се одржуваат вакви настани, во период од неколку седмици. Многу од нив се поклопуваат во исти викенд, така да некои и ги прoпуштаме да ги посетиме. Но, овој во Солун го посетуваме скоро секој декември, а забележуваме дека секоја нова саемска манифестација, се карактеризира со се поголем број на штандови во близина на морето. Може да се пробаат вина и сорти кои се карактеристични за Грција, но од година во година се повеќе се усовршуваат како со технологијата, така и со дизајнот. Тоа е за поздравување. Се работи за многу посетуван настан, а и се гледа голем интерес меѓу љубителите на добрата голтка, рече Елена Богева, потпретседател на Здружението на винари од Македонија.
И нејзиниот колега Лазар Плетварски кажа дека е задоволен од посетата, иако во истиот момент во Скопје имаше сличен настан.
-Овој саем за вино го посетуваме во последните пет – шест години. Иако сме соседни држави, многу малку сме запознати со грчкото винарство. Станува збор за настан со одлична организација на која присуствуваат околу 140 винарии од цела Грција. Освен дегустациите на кои како и секогаш утврдуваме високо ниво на квалитет и иновација, оваа година разговаравме и за бројот на винарии кои функционираат во Грција, како и за автохтоните сорти. Впрочем и дознавме, дека ги има нешто над 1.000 регистрирани винарии, територијално распространети од северна Грција, па се до Пелопонез и Крит. Забележавме и дека најголема иновација и промоција, посветуваат на автохтоните сорти кои им се приоритетни во нивната понуда, додека за интернационалните сорти се порезервирани. Дознавме и дека имаат околу 90 автохтони сорти. Грција е интересна за нас во однос на организирањето на производителите, начинот на промоција и иновација. Највпечатливо сепак беше вниманието што го посветуваат на домашните сорти, обработени со модерни енолошки пракси, нагласи Плетварски.
Ангел Лелов, исто така, изјави дека на саемот се изложени висококвалитетни вина со карактеристична арома и вкус, од реколтите на грозје во изминатите неколку години.
-Присутни се вина од различни локалитети и региони. Од островите Санторини и Крит, но и од Кипар, Нов Зеланд и Аргентина, кои се одликуваат со посебен начин на одгледување на винова лоза, производство и преработка на грозје, ферментација, зреење на вината, кои се одликуваат со посебна арома и квалитет од останатите класични вина. Мене лично, најголем впечаток ми оставија островските вина, рече Лелов.
Ни Грци, ни Македонци, туку само енолози
Другите македонски енолози кои беа во групата што го посетија саемот, исто така, го изразија своето задоволство од прекрасното дружење во светот на виното. Се дегустираа црвени, бели и розе вина, купажи од повеќе сорти на грозје. Се вртеа чашите. Се коментираа бојата, изобилството од мириси, вкусови, ароми. Се уживаше со сите сетила. А вината, извонредни, не знаеш кое од кое е поубаво. Седум евра се плаќаше задоволството да се биде дел од таа неповторлива винска приказна.
Нашата дружина не беше единствената која таа сабота решила да другарува со виното и вистината. Во саемската сала сретнавме и други државјани на Македонија, кои одлучиле денот да го поминат со добра капка од пијалокот на боговите и да ја почувствуваат винската магија и мистерија. А домаќините, на ниво на задачата. Гостопримливи и расположени да се пофалат со својот мајсторлук, да поразговараат со јазикот на виното, да споделат мислења и искуства. Во таа прекрасна атмосфера исполнета со позитивна енергија и насмевки, едноставно немаше место за политика. Единствената врева ја правеше звукот на чашите додека се наздравуваше за здравје и среќа.
Македонските винари остварија контакти со грчките, се поразговара и за можна идна соработка и меѓусебна посета.
-Како што гледате ние овде не сме ниту Грци, ниту Македонци, ами едноставно само енолози. И ние и тие, заеднички имаме една страст, а тоа е виното. Комуницираме со енолошки термини. Разговараме за лошите временски услови оваа година кои не му одеа во прилог на винарството, за тоа дека се повеќе земји меѓу кои и нашите две се свртени кон промоција на автохтоните сорти на грозје и вината произведени од нив, за светските модни трендови кога е во прашање оваа течност во шишињата и слично. Според европската реонизација спаѓаме под иста винска зона и добро е да се следат нивните постигнувања во лозарството и винарството, за да можеме да направиме компарација со она што ние сме успеале да го направиме за развојот на нашето лозаровинарство, рекоа некои од нашите соговорници.
Се чекаше за да се проба виното на Бутарис
Меѓу штандовите со вина, беше и тој за кој што ни рекоа дека ја претставува винаријата на солунскиот градоначалник Бутарис, кој има потекло од Крушево. Забележавме луѓе кои стрпливо чекаа да им налеат вино, за да ја почувствуваат експлозијата од задоволства. Убавата, љубезна и насмеана Јота Караначју ни потврди дека виното не се меша со политика и ни наточи да пробаме од виното на винарницата со звучно име “Кир-Јани”. Поразговаравме и за сортите на вино, кои се најбарани и слично.
Марија Нетсика, организатор, рече дека се сеќава на нас од претходната година. И таа се согласи дека виното не знае за политика. Ни кажа дека станува збор за уште едно издание на саемската манифестација која од лани е на друга локација, на поголем простор. Имаше 153 учесници производители, но и трговци. Од Грција и други земји, но немаше претставници од Македонија. Иако домаќинката нагласи дека можат да дојдат доколку сакаат да го презентираат своето винско производство. Можеби годинава имаа поголема посетеност за два дена, рече дека очекуваат стандардно, околу пет илјади посетители, вински туристи. Меѓу кои и Македонци.
Убаво е да се биде во друштво на вистински мајстори на својот занает. Беше тоа уште едно незаборавно доживување заедно со македонски енолози, кои како туристи и оваа година ја посетија грчката манифестација посветена на виното. Организатор на патувањето беше Здружението на винари од Македонија. Се вративме со прекрасни импресии од саемскиот фестивал во чест на неговото величество, виното.
-Во виното е вистината. А во своевидното винско кралство, нема место за дворски игри, ми рече мојата пријателка Богева, место добра ноќ.
Светлана Дарудова