Нина Ангелoвска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и извршен директор и ко-основач на grouper.mk, од неодамна „Сајт на годината за 2018“ во предновогодишното интервју за МИА зборува за развојот на е -трговијата во Македонија, за работата на Асоцијацијата која има околу 500 членови, но и за Групер, прв сајт во земјава од каде што граѓаните може да купуваат онлајн по примамливи цени.

Ангеловска се наоѓа на листата на 100 успешни жени основачи на стартапи во Европа, што ја состави еминентниот германски магазин The Hundert, a потоа беше ставена на Forbes листата на триесет најдобри и најветувачки претприемачи на ниво на Европа. Во интервјуто таа вели дека во Македонија постојано се зголемува бројот на лицата кои купуваат онлајн, но оти сепак има потреба од дигитална едукација, која би помогнала за граѓаните да знаат како да купат, но и како да препознаат преку кои веб-страни можат да го сторат тоа без да бидат излажани за квалитетот на производот и слично. Потреба има од олеснување на одредени процедури, но и од поголема понуда и конкуренција.

Како го оценувате развојот на е-трговијата во Македонија?

Развојот на е-трговијата активно го следам веќе осум години, откога постои Групер на пазарот. Според бројките што ги гледаме, од година во година има раст, но сметам дека можеме далеку подобро, како во бројот на население кое има пристап до Интернет и купува онлајн. Сега, позитивно е во насока на развојот дека имаме 63 отсто пораст во онлајн купувачите кај интернет корисниците. Околу 32 отсто од населението со интернет пристап купило нешто онлајн последнава година. Ако споредиме со претходниот период тогаш беа околу 20 отсто. Можеме да кажеме дека оваа година имаме добар пораст. Меѓутоа, сметам дека може подобро особено од аспект на тоа дека треба да се олесни патот за е-трговците како од аспект на административни процедури со кои се соочуваат така и малку да се работи на едукацијата бидејќи дигиталните вештини се на ниско ниво, а тие влијаат и на понудата и на побарувачката.

Во континуитет ги повторувате овие барања како до властите, а апелирате и до граѓанството во однос на едукацијата. Има ли промени по објавувањето на анализата на Асоцијацијата за е-трговија?

Има отвореност да се слушне гласот на бизнис заедницата. Асоцијацијата постои веќе една година и во таа анализа покрај тоа што точно дека ги имаше овие бројки дека недоволно е развиена е-трговијата во Македонија, ние имавме и одредени предлози кои се засноваа на одредени наоди за индикативни акции. Со анализата анкетиравме и е-трговци за да видиме кои се нивните барања, пречки и предизвици. Предложивме еден сет на мерки што треба да се анализираат. Ако видиме дека има голем пораст од 63 отсто во бројката на луѓе кои купувале онлајн може да кажеме дека сме влијаеле и дека имаме некаков удел во тоа придвижување. Што се однесува до другите предлози кои ги имавме, на пример соработувавме со Царинската управа и направивме еден едукативен настан. Нашиот придонес во текот на целата година беше да ја кренеме свеста и да ја кренеме важноста на е-трговијата за развојот на економијата во Македонија. Тука можам да кажам дека придонесовме бидејќи многу почна да се зборува за темата, се повеќе институциите ја ставаат на дневен ред, сега се формираат акциски планови за следната година. Дел од тие работи не се менуваат преку ноќ. Настанот со Царинската управа беше за да објаснат кои се олеснетите процедури за извезуваат македонските e-трговци надвор. Меѓутоа, кога се работи за тоа дека треба да се олеснат тие административни процедури, да се сменат тие формулари, повеќе да се придвижиме кон дигитализација за тоа треба време. Позитивна работа е што има отвореност. Институциите кажуваат дека се движат во таа насока. На пр. Министерството за информатичко општество и администрација има Стратегија за отворени податоци и се придвижуваат кон ЕУ –услуги, Царинската управа најавува дигитализација од следната година што треба позитивно да влијаат на е-трговијата.

Асоцијацијата за е-трговија во континуитет има одредени активности. Неодамна потпишавте Меморандум за соработка со Економскиот факултет при УКИМ, МАСИТ…, имавте средба со Државниот пазарен иснпекторат…Што планирате понатаму?

Реализиравме повеќе активности. Потпишавме бројни меморандуми во текот на годината како со Економскиот, со ФИНКИ, со Царинската управа, со Народната банка, МАСИТ… Од реализираните активности особено ни беа важни оние за кревање на јавната свест и едукацијата, и активностите кои ќе ги реализираме во 2019 година во голем дел ќе бидат насочени кон кревање на јавната свест и едукација. Во однос на Државниот пазарен инспекторат, многу ми е мило што и од таму наидовме на отвореност. Тоа беше проект на УСАИД за модернизација на инспекциските служби, и во тој проект инспекторатот имаше обука за е-трговија односно како да вршат надзор во областа на е-трговија. Она што е важно да се спомене и што го имаше и во анализата и се разговараше на овие обуки беше повеќе давање на внимание кон сивата е-трговија или оние нарачки по фејсбук, што најчесто ги прават луѓето. Активностите на Асоцијацијата за е-трговија повеќе беа насочени кон едукација, а тоа потекнува од таму дека еден од најголемите проблеми е ниското ниво на дигитална писменост на населението. Што е многу високо во Македонија, споредено со другите ЕУ земји и кон ова ќе продолжиме да се насочуваме и во 2019 година. Тука ќе ни бидат клучни партнерствата. Ја организиравме првата конференција за е-трговија, а план ни е во 2019 година да ја реализираме втората конференција. Видовме дека постои голем интерес, и не само интерес туку дека им треба на луѓето ваков настан каде што ќе се соберат на едно место и ќе дискутираат заеднички како ја однесеме понапред е-трговијата, што не е избор туку неопходност за сите компании. Нема друг начин како да стигне вашиот производ до крајните потрошувачи.

Какви заклучоци произлегоа од оваа конференција?

Имавме генерално пет заклучоци. Генерално беше дека има ниска едукација, дека треба да се работи на тоа, дека мора регулативата да го олесни работењето на бизнис секторот, а не да го отежнува, како во случајов кога многу често се соочуваме со пречки, понатаму дека мора сите институции да се отворат кон промени, да се отвори пазарот на пример за Финтек за да може да дојдат нови конкуретски солуции како платежни методи, подобра понудат и конкуренција за да одат напред сите македонски компании. Може да кажеме дека има 500 активни е – трговци и дека тука треба да се работи на зголемување на понудата во е-трговијата, и другата пречка за која се дискутираше на конференцијата е дека имаме сериозни потешкотии со доставата и со логистиката, високи цени за достава особено кога се работи за извоз, но и за дома.

Се почесто има граѓани кои се жалат на проблеми при купувањето на интернет. Освен преку регистрираните е-трговци, граѓаните купуваат и на Фејсбук, каде има посебни групи само за таа намена, потоа преку нерегистрирани е-трговци итн. Како да се спречи сивата е-трговија?

За оваа тема разговаравме со Државниот пазарен инспекторат, бидејќи е под нивна надлежност. Многу од овие групи особено на Фејсбук се нерегистрирани и точно спаѓаат под законот за нерегистрирана дејност. Што се случува? Еве една паралела. Едната е кога граѓаните нарачуваат од странски сајтови дали е тоа Али Експерс или се други кои што се непознати но сега со глобализациојата и со персонализираниот маркетинг на Инстаграм и на Фејсбук на корисниците им се појавуваат секакви реклами. За овие случаи, кога граѓаните се чуствуваат измамени или добиле нешто што не нарачале…, често поднесуваат претставки до Државниот пазарен инспекторат. Ние разгледувавме на оваа обука некои примери и во тие ситуации треба да им е јасно на граѓаните дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност или не може да ги штити кога нарачале од некоја странска компанија и добиле некој производ што не соодветствува со тоа што го нарачале. Граѓаните треба самите да ги проверуваат веб-страните преку коишто купуваат, да читаат што другите кажале за тие веб-страни и да видат дали е тоа на некој начин доверлива веб-страница од каде што нарачуваат. Треба да ги имаат во предвид реалните понуди. На пример дека можете да купите брендирани чевли за 1.000 денари. Треба и тоа да се има превид. Што се однесува до тоа што е поинтересно и што може да се регулира е токму македонските продавачи кои продаваат со свои профили на Фејсбук фан страници, групи и слично кои што не се регистрирани, а од коишто многу често нашите граѓани купуваат, преку Фејсбук пораки или цена во Инбокс и потоа поднесуваат претставки до пазарниот инспекторат. Овие страни немаат оставено адреса, телефони, често ги менуваат диру телефонските броеви, па, пазарниот иснпекторат не може да ги лоцира често и да ги најде луѓето за може да влијае за да им се вратат парите, најчесто овие се измамени потрошувачи кои добиле нешто друго или воопшто не го добиле производот, сакаат да ги вратат, а не можат да ги остварат своите права, од друга страна според законот треба да имаат доказ дека платиле а немаат. Ова негативно влијае и на македонските е-трговци, кои се регистрирани, плажаат даноци и се трудат регуларно да работат и ги почитуваат и следат сите регулативи. Треба да се направи и промена на Законот за заштита на потрошувачи бидејќи со него не е предвидено онлајн купувањето, односно има членови за купување на далечина, но не е предвидено дека вие кога купувате онлајн добивате потврда за нарачка која е замена за фискална сметка. Граѓаните можат на пример на Фејсбук да видат дали од оној што купуваат имаат веб-страна и ако има, според Законот за е-трговија, треба да биде изложено даночен број, име на фирма, адреса…Ова се некои основни проверки што граѓаните можат сами да ги направат и да се заштитат и да проверат од каде купуваат.

Вие сте еден од основачите на grouper.mk, на која корисниците можат да купат производ, услуга или патување на попуст. Неодамна ја добивте наградата „Сајт на годината“ за 2018 година, но и четири други и тоа трето место во категоријата најдобар сајт за е-трговија, второ место за најдобар корпоративен сајт и второ место за најдобра мобилна апликација и за најдобар мобилен сајт. Која е тајната за успехот на Групер?

Grouper.mk постои од јануари 2011 година, со визија дека ќе ја промениме е-трговијата во Македонија. Поминаа речиси осум години откако ентузијастички тргнавме на ова „патување”. Ние се уште ја чувствуваме истата пасија и возбуда за работата. Би сакала да им се заблагодарам на сите вработени, соработници и на сите наши корисници и пријатели бидејќи без нив ние немаше да успееме. Во отвореното писмо што го упатив до сите нив потенцирав дека наградите и признанијата се производ на добрата работа, но не и главната цел. Креативниот тим е мотивиран од желбата да твори, да креира, да остварува, а не од желбата да ги победи другите. Признанието да се биде најдобар носи емоции на победа и возбуда, но и голема одговорност да се биде пример од кој другите може да се угледаат. Ќе работиме на промени во е-трговијата и ќе продолжиме да го работиме тоа. Оваа награда ќе ни биде потсетник дека нашиот труд и напораната работа се препознаени и валоризирани. Подготвени сме да продолжиме работиме на кревање на стандардите за сите нас.

Елизабета Вељановска Најдеска