Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа порача дека неговиот повик на единство на косовскиот политички фактор во преговорите со Србија не значи дека неговата партија ќе се приклучи на преговарачкиот тим, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако претходно во честитка по повод католичкиот Божик повика на обединување наспроти Србија, Мустафа попладнево преку Фејсбук појасни дека тој и неговата партија имаат за цел „заштита на интересите на државата како опозиција“.

– Моите гледишта изразени претходно не го одразуваат ставот дека ќе се приклучиме на некој тим за дијалог, туку дека ќе ги штитиме интересите на државата како опозиција и како партија која претставува посебно историско наследство. Ставовите на ЛДК се јасни, напиша Мустафа.

Претходната порака на лидерот на најголемата опозициска партија во Косово за единство во напорите за постигнување конечен договор со Србија, во медиумите беше протолкувана како најава дека и ЛДК ќе се приклучи на преговарачкиот тим формиран од Собранието на Косово.

– Во оваа ситуација е малку значајно кој е позиција а кој опозиција, колку што е значајно дека без вистинска позиција и без вистинска опозиција нема решение за прашањата од државен и национален интерес. И, исто така, без двете крила, она на наследството и отпорот на Ибрахим Ругова и она произлезено од Ослободителната војска на Косово, не може да се преброди затворањето на договорот со Србија, напиша Мустафа во божикната порака.

Косовското Собрание на 16 овој месец донесе резолуција за преговорите со Србија, со која е формиран државен преговарачки тим, а Владата на Рамуш Харадинај вчера го донесе и предлог-законот и го изгласа буџетот за истиот.

Двете најголеми опозициски партии, ЛДК и Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, ја одбија понудата од владејачките партии да именуваат свои претставници во тимот.