Косовскиот вицепремиер Фатмир Лимај, кој е еден од двајцата претседавачи на државниот тим за преговори со Србија, изјави дека амбасадорите на петте најмоќни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово, му дале целосна поддршка на тимот за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лимај рече дека амбасадорите од „петорката“, која ја сочинуваат САД, Германија, Велика Британија, Италија и Франција, биле запознати со подготовките на тимот за изготвување платформа за преговорите, во што ќе се вклучат Собранието, Владата, кабинетот на претседателот и опозицијата.

– Ги информиравме амбасадорите за посветеноста на делегацијата за продолжување на работата со поширок консензус, како и за координацијата со Собранието, Владата, претседателот и опозицијата. Кажавме дека ги вршиме последните дејствија за собирање на сите тие материјали за темите за кои сме разговарале со Србија и добивме уверување и од претседателот дека ќе ни ги достави материјалите од неговиот кабинет, изјави Лимај.

Тој додаде дека амбасадорите изаразиле подготвеност да го помогнат Косово за постигнување на сеопфатен и обврзувачки договор со Србија.

Лимај информира дека следниот месец преговарачкиот тим ќе отпатува за Брисел, на средба со челниците на ЕУ кои посредуваат во преговорите Приштина-Белград.

Освен шестмината членови на преговарачкиот тим, на средбата со амбасадорите во Собранието на Косово учествуваа и претседателот Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.