Поранешниот пратеник на ОН за Косово, Каи Еиде, смета дека решението за стабилизација на односите меѓу Белград и Приштина мора да се донесе сега во интерес на стабилноста на регионот.
– Решението меѓу Косово и Србија за стабилизација на односите мора да се случи сега, за да се создаде стабилност во регионот и вклучување во меѓународните организации. Треба да се избегнуваат други чекори, кои му пречат на односот меѓу страните, напиша Еиде на Твитер.
Претседателот на Косово Хашим Тачи реагираше на таа Твитер порака на Еиде, така што на норвешкиот дипломат му се заблагодари за поддршката.
Приштинскиот весник „Коха“ констатира дека Тачи нашол сојузник во своите напори да постигне договор со Србија, кој подразбира и промена на границите.
Инаку, Еиде неодамна учествуваше во преговорите меѓу талибанците и авганистанската Влада.