Во дебарско без проблем се одвива вакцинацијата на децата со МПР или вакцината против морбили.

Раководителот на Службата за вакцинации при Општата болница во Дебар доктор Љуљзим Стрикчани вели дека со вакцинацијата се опфатени речиси сите деца од општините Дебар и Центар Жупа.

– Опфатеноста во просек е од 98 до 100 отсто. Децата кои треба да се вакцинираат во декември, а тоа не го сториле од разни причини, или не биле тука или биле болни, ги заведуваме во јануари, кога и се вакцинираат, затоа и процентот е таков, истакнува д-р Стрикчани.

Во Дебар кон средината на минатата година беше прогласена епидемија на морбили кога беа заразени над 20 лица, главно возрасни роднински поврзани. Меѓу заразените имаше и две деца кои поради возраста не биа вакцинирани, како и двајца здравствени работници.

Епидемиологот Ментор Меља за МИА изјави дека засега нема регистриран случај со морбили.