Хоспитализација за да се стабилизира здраствената положба, помош за плаќање на сметки и олеснување на секојдневното живеење предложија надлежните за семејството на прилепскиот поранешен бранител Драган Спасески.

Ова ветување доаѓа по денешната посета на скромниот дом на семејството Спасески, кого го прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов, советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василески, претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001/2002 година Рубин Секулоски, директорката на прилепскиот „Здравствен дом“, Оливера Аџиоска и како и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски.

Ова е дел од сетот мерки за решавање на здравствените и на социјалните проблеми на семејството на бранителот Драган Спасески кој пет години живее без струја и е со бројни социјални и здравствени проблеми.

Националниот координатор за прашања поврзани со бранителите Ангелов, истакна дека државата има обврска да се грижи за бранителите од 2001 година како што е Драган Спасески, а посебно за бранителите кои имаат последици.

– Курсот на Владата води кон институционализирање на проблемите поврзани со бранителите, преку воведувањето на функцијата национален координатор на воено – полициски ветерани, со што Владата испраќа јасна порака дека е подготвена да им помогне на сите бранители кои се во тешка положба. Во наредните денови ќе ги преземат сите оние активности кои како државни органи може да ги преземат, почнувајќи од помошта при плаќањето на сметките за електрична енергија, потоа да се обезбедат дрва за огрев и хоспитализирање на Спасески, рече Ангелов, нагласувајќи дека постојано се преземаат мерки да им се помогне на поранешните бранители, а сите може постојано да се обраќаат за помош.

Градоначалникот Јованоски, по разговорот со Спасески и неговата сопруга Виданка, истакна дека општина Прилеп ќе се заложи да се реши проблемот со повеќегодишниот неплатен долг за електрична енергија, кој изнесува 91.843 денари и ќе му биде исплатена парична помош. Воедно бранителот ќе биде хоспитализиран со цел да се стабилизира неговата здравствена состојба.

Директорката на Здравствен дом, Оливера Аџиоска со екипата од Службата за домашно му додели соодветна терапија.

-По хоспитализацијат на Спасески, тој ќе биде редовно посетуван од екипите на службата за домашно лекување, рече Аџиоска.

Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Живко Силјаноски потенцираше дека Драган и Виданка Спасески се корисници на правото на социјална помош повеќе од 25 години и во тој период речиси постојано биле изложени на некои специфични социјални ризици.

Силјаноски напомена дека Драган и Виданка имаат син и ќерка, кои имаат и законска обврска да им помагаат на своите родители, но тие не го прават тоа во потребната мерка.