Во штипското основно училиште „Тошо Арсов“ по 14 години конечно ќе се променат прозорците. Поради старите дрвени прозорци постојано имаше провев, а учениците и наставниците немаа добри услови за настава. Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски при денешната посета на ова училишта информираше дека тендерската постапка на Министерството за образаование е завршена, а веќе кон средината на наредната недела се очекува и фирмата, којашто го има добиено тендерот да почне со градежните активности.
– Во комуникација со министерството добивме информација дека веќе наредната недела, бидејќи е завршен тендерот ќе се започне со замена на прозорите. Во основното училиште „Тошо Арсов“ со средства од буџетот на општина Штип се направени повеќе реконструкции, во делот на дворното уредување, на задниот влез, санација на оградата на училиштето, имаме целосно опремен мултимедијален центар, направена е замена на подот на неколку училници со што овде се инвестирани околу 1,4 милиони денари или нешто над 20.000 евра, рече Бочварски.
Директорката на ООУ „Тошо Арсов“, Фросина Маџарова истакна дека реконструкцијата на прозорците е најубавата вест којашто ја има добиено пред стартот на второто полугодие. Забележа дека како училиште во коешто со години не е инвестирано и за тековната година имаат повеќе приоритети, како што е реконструкција на тоалетите и на спортската сала.
Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски денеска го посети и општинското основно училиште „Ванчо Прќе“, каде што пред некој ден заврши реконструкцијата на спортската сала.
– За основното училиште Ванчо Прќе беа одвоени 1,2 милиони денари од заштедите на Општина Штип. Се реконструираше подот на спортската сала, променет е простапот до училиштето бехатон плочки, дополнително нов видео надзор за подобрување на безбедноста, ново озвучување, нови LCD проектори.Средствата коишто ги имаме на располагање се трошат на проекти, рече Бочварски.
Тој се заблагодари и на донацијата од невладината „Hand till Hand“ за реконструкција на тоалетите на приземјето на ова училиште, во висина од 110.000 денари, како и на донацијата од УСАИД за подобрување на Ресурсниот центар на деца со оштетен вид, кој од учебната 2018-2019 година е сместен во ООУ „Ванчо Прќе“.