Владата на Алексис Ципрас на гласањето доверба во средата „преживеа“ откако 151. решавачки и пресуден глас го доби од пратеникот Спирос Данелис. Пратеникот кој во изминатите денови е личност број еден во Грција, протагонист во последните случувања, политичарот кој со својот глас ја „спаси” владата само поради тоа што одби да отстапи од неговите позиции оформени уште на почетокот на 90-те во однос на македонското прашање.Станува збор за пратеник кој токму поради овие свои ставови беше исфрлен од партијата Река, но и човек кој со денови е прв на мета на анонимни заканувачи.

Спирос Данелис во интервју за МИА говори за неговите одлуки и дилеми, за политичката цена, за тоа дали се кае, а ги коментира и утрешните протести.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина уште еднаш го повторува неговиот став дека Договорот од Преспа е историски, изразува убеденост дека ќе се ратификува во грчкиот Парламент и вели дека „тоа ќе биде историски ден, вртење страница во односите на двата народа, двете општества што не само што ништо не ги разделува, туку имаат секаква причина да се чекорат заедно“.

За време на интервјуто, во неговата канцеларија во центарот на Атина, разговорот неколку пати беше прекинуван од телефонски повици од пријатели, но и негови познаници, кои едноставно сакаа да му изразат поддршка во периодот кога и тој и неговото семејство се мета на закани.

Господине Данелис, во изминатите неколку денови, пред се, поради гласот за доверба на владата, Вие станавте цел на закани. Продолжуваат ли уште да ви се закануваат поради Вашата позиција?

-Да, јас сум личноста на седмицата и од добра и од лоша причина. Трагично е што постои вакво однесување и постојат вакви феномени кои немаат врска со демократијата, немаат врска со цивилизирана демократска држава и во општество што би требало да поседува елементарна зрелост. Очигледно е дека не ме обесхрабруваат ниту обидите да ме исплашат, ниту вулгарноста, ниту бедните обиди што во изминатиот период ги добивам, а во последните денови за жал се упатени и кон членовите на моето семејство. Затоа и се обратив кон правдата. Но, мислам дека она што треба да се сфати од ова однесување и мислам дека може да биде корисно ова што го поминувам, за да сфатат партиите од опозицијата, особено Нова демократија дека да присвојуваш или да си рамнодушен за таков вид на постапки и однесувања, во суштина може да создаде ситуација со неконтролирана и непредвидлива разврска, бидејќи не станува збор за нештетните и наводно досетливи тролови кои нѐ борбардираат мене и другите мои колеги во последно време, секако мене уште од поодамна.

Бидејќи ја имавте позицијата што ја имате…

-Да, бидејќи од минатиот јануари имав заземено став за македонското прашање. Претпоставувам, дека сега стануваат автономни мрачните центри кои не се контролираат. И утре, за жал, овие мрачни центри ќе бидат против сите, и против демократијата. Се надевам дека ова, па макар и доцна, ќе го сфати и Нова демократија, и апсолутно и јасно ќе го осуди секој вид на насилство, вербално и секако уште повеќе телесно и секој вид на заплашувања, бидејќи ова се однесува на сите, и е удар на демократијата.

Што Ви пишуваат во пораките? Дека сте предавник?

-Тоа е најмалку. Пораките се со неверојатна вулгарност, неверојатна агресивност и омраза.

Испратени се и до Вас и до Вашето семејство…

-И до мене и до моето семејство и до моите деца. Тоа се закани и фрази што се неверојатни. Тоа е резултат на омраза.

Некои одлуки имаат и политичка цена, Вие од една страна добивате закани, од друга страна бевте отстранети од пратеничката група на Река. Се каете?

-Воопшто. Како стар политичар она што ме интересираше и она што беше водечки критериум во решавање на дилемите беше мојата совеста. Јас сум доследен на моите ставови, на моите принципи, за големите прашања, како што е македонското од 1992година, тогаш бев дел од едно мало малцинство кое јавно, со нашите имиња, со нашите потписи, изјавувавме дека сме против целата таа катастрофална националистичка перцепција што тогаш преовладуваше и што беше извор на страдања сите овие години и е невозможно да го сменам сега.

Пресметав дека ќе има цена, тоа беше очигледно, доаѓав во конфликт не само со мојата партија туку, како што се чини и со народот, бидејќи знаете, ова беше можност за изразување на голем отпор кон тоа да се направи промена, бидејќи македонското прашање може да биде повод за да се преобликува политичката сцена во Грција и тоа ќе го видиме веднаш потоа.

Освен заканите, додека го правиме интервјуто Ви се јавија и луѓе за да ви изразат поддршка. Не се само повиците со закани.

-Оваа моја позиција, која е позиција на храброст и смелост и доследност, очигледно е препознаена од многу луѓе, премногу, од цела Грција од познати и непознати и постојанο примам пораки. И Вие бевте сведок на тоа, примам неверојатни пораки на поддршка од секаде и поддршка, па така добив еден голем fan club , соодветно со многу силниот hate club што е наспроти мене. Тоа е резултат на опциите, знаев дека ќе бидам соочен со една таква клима, не проценив дека ќе биде толку силно, и не проценив дека ќе се соочам со ваква вулгарност.Но и тоа е дел од играта, треба да го очекуваш тоа. Не ме обесхрабруваат, напротив, сето ова мене ме охрабрува, затоа што знам дека постапувам правилно.

Многумина велат дека ја спасивте владата за време на гласањето. Да не гласавте за довербата, без вашиот глас, владата немаше да добие доверба, како потоа ќе можеше да го помине договорот? Целата ситуација беше малку збунувачка бидејќи немаше да добие доверба и немаше да можеме да говориме за ратификација на Договорот од Преспа.

-Токму така. Мојот глас беше клучен и тоа го кажував, кажував дека се приближуваме кон такво нешто. Уште од октомври велев јавно дека колку и да звучи чудно и ирационално, гласот за доверба беше апсолутно поврзан со Договорот од Преспа. Секој оној кој верува дека националниот интерес наметнува да се изгласа, да се ратификува Договорот од Преспа немаше право да не ја поддржи владата која ќе го донесеше договорот. Во спротивно немаше да дојде договорот и затоа бев непоколеблив, знаев што ќе значи тоа, не ме обесхрабри и останав цврсто на моите ставови и принципи. И секако ако не постеше мојот глас, останатите петмина веќе беа во владата, изразија несогласување со нивниот лидер, беа избришани од нивната партија, но беа веќе во владата…

За нив од претходно знаевме…

-Токму така. Според тоа, клучниот глас што ќе и дадеше доверба на владата, да продолжи да биде на власт, беше мојот. Не беше лесна одлука, но не размислив два пати за тоа. Знаев дека тоа е правилно и затоа го сторив тоа.

Ги споменавте протестите во 90-те, и тогаш бевте против, претпоставувам и сега.

-Апсолутно.

Како ви изгледа целата клима што се создава? Од една страна е протестот во Атина, од друга кампањата на владата за промоција на Договорот од Преспа…

-Со големо задоцнување.. Видете, го имаме кажано тоа, станува збор за едно прашање со кое тешко се управува и е поврзано со емоциите и чувствата на еден народ кој како и секој народ го има своето национално достоинство и кога чувствува дека националното достоинство е под закана или се подгазува, тогаш бесот доминира над логиката. Поради ова, многу голема одговорност носат националистите и квазипатриотите кои инвестираат во тоа поради лична корист или за партискиот, толку краткорочно на грб на одговорноста, односно на националната одговорност. И тогаш и сега, граѓаните што се собираат на овие протести мнозинството не се фашисти, туку се неинформирани, тоа се луѓе кои се манипулирани од квазипатриотите во нивните чувствителни чувства. Затоа, требаше овие години кога македонското прашање беше замрзнато, поради бескромпромисноста на Груевски и на ВМРО, овде, оваа страна стана неактива…

Овде одигра улога и економската криза…

-Кризата, секако и создава една друга подлога на веќе насобраниот бес и на емоционалните реакции. Но, доколку не беше замрзнато прашање по Времената спогодба и бескомпромисноста на ВМРО и ако оваа страна овде, независно што прави ПЈРМ, дискутираше за прашањето за јавноста да ја добие вистинската перцепција што ја има македонското прашање, денес ќе беше апсолутно природен развојот на работите и со големо олеснување и општеството и сите демократски партии ќе требаше да го прифатат како заемно корисен и одржлив овој договор, кој што е win- win. Јас на секој начин се обидувам да објаснам дека друго е договор што е заемен компромис меѓу две земји, а друго е пакт што победникот по воен судир го наметнува она што го сака врз поразениот. Ова е за да бидеме свесни за реалноста. Сите овие работи што се подразбираат, за жал, овде не можат да се слушнат. Емоциите и манипулирањето на граѓаните од квазипатриоти направи да се „спуштат ролетните“ на логиката. Ушите не се отворени.

Уште од самиот почеток кажавте, го споменавте и во интервјуто за МИА во септември минатата година, го кажавте и во Вашиот говор на конференцијата за договорот дека е историски договорот, тогаш рековте дека Заев и Ципрас пишуваат историја..

-Заедно со Коѕијас и Димтров..

Сметате дека ќе помине во грчкиот Парламент?

-Да, ќе помине. Ќе помине и се надевам дека набргу ќе сфатат и оние граѓани што се во заблуда, добронамерните, бидејќи политичарите искористуваат, политичарите знаат многу добро дека е заемно корисен договор, едноставно го продаваат нивниот национализам, што наводно е патриотизам, а во суштина е национализам. Сигурен сум дека ќе помине. Сигурен сум дека ќе биде историски ден, вртење страница во односите на два народи, две општества кои не само што ништо не ги разделува, туку имаат и двете страни секаква причина да се чекорат заедно. И двете страни, секаква причина. Никој не загрозува никого и имаат заеднички интереси и заеднички перспективи.

Сања Ристовска