Вековна традиција, која шири духовен мир и божја благодет во домовите на преспани се негува во сите православни семејства на големиот христијански празник Свети Јован Крстител во преспанскиот регион. Дваесеттина семејства кои имаат најмногу среќа од црквата добиваат свет крст, што го чуваат во текот на целата година во своето семејство. Со крстот шетаат по маалата каде шират благодат, а од домаќините се дарувани со пари. Следната година на истиот ден, семејството го враќа крстот во црквата, а собраните средства и дарови од верниците ги донираат на црквата.

Година исполнета со духовен мир

Оној што го има светиот крст се верува дека цела година ќе му биде исполнета со духовен мир. Поседувањето на крстот е голема среќа за семејството.

-Луѓето кои ќе го добијат крстот се очекува да влезат во тајните на црквата таа година и се што е поврзано со верата. Во современиот свет луѓето многу се оддалечени од верата. Работите што се случуваат во црквата им се далечни и чудни. Тоа малку ги доближува до вистинските вредности, кои ги промовира православното христијанство со исчистувањето на човекот. Православното христијанство е начин на живот, кој го тера човекот на вредности. Морално да се прочистува од сите оние работи кои секојдневно му се случуваат во животот, вели Сековски.

За Сашко верник од Ресен, кој годинава го има светиот крст од манастирот „Свети Петар и Павле“, ова е чин на радост и благодет за целото семејство.

-Радосно е да се има овој крст. Придобивката е духовна, ширење на благодатта господова во секоја куќа. Тоа е суштината. Благодатноста што се шири во домот, мирот во куќата и духовна радост, вели Сашко.

Тој е среќен што традицијата се одржува со години и што, како што нагласи, Господ му овозможил годинава тој да го има светиот крст.

-Светиот крст го добивме минатата година. Според традицијата се чува дома во текот на целата година, а годинава повторно ќе го вратиме во црквата. Се оди по куќи да се шири благодатта Господова низ градот. Во секоја куќа го даруваат. Пред да се предаде се дарува кој како е во можност со злато, пари и други дарови, раскажува Сашко.

Преку лотарија до светиот крст

Интересот за земање на светиот крст, кај населението е голем, па поради тоа за да се направи ред и да нема лутење меѓу верниците црквата организира еден вид лотарија во Ресен. Во помалите села, според традицијата, крстот се предава од семејство во семејство. При купување свеќи во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен, пред и за време на литургијата на празникот Свети Јован Крстител верниците добиваат талончиња со број. По празничната богослужба, која најчесто ја води митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозаеландски г. Петар, како надлежен архиереј влече бројчиња и оние семејства чии броеви ќе бидат извлечени добиваат свет крст од црквата.

За долгогодишниот обичај во преспанскиот регион ни раскажа Константин Сековски, ѓакон во храмот „Свети Кирил и Методиј“. Според него, семејството го зема светиот крст на свети Јован го носи дома и подготвува вечера за најблиските роднини и пријатели, кои го даруваат со злато, пари и други дарови.

-Следната година пред големиот христијански празник Свети Јован Крстител, оние што го имале светиот крст во текот на изминатата година го носат низ маалото, каде повторно е даруван со пари. На Богојавление – Водици домаќинот подготвува ручек или вечера на кој ги кани роднините и пријателите и тие го даруваат крстот. Собраните средства ги донираат во црквата од каде што го земале светиот крст, објаснува ѓакон Сековски.

Традиционално во помалите села се пренесува по фамилии

Додека во Ресен и поголемите села во Преспа крстот се добива преку лотарија, во помалите населени места, според традицијата тој се предава од куќа на куќа, односно од фамилија на фамилија. Секое село има различен начин за земање и давање на крстот.

Во селото Дрмени крстот го добива фамилијата еднаш на 125 години, а во Волкодери светиот крст во една куќа доаѓа на 10 до 12 години.

За вековната традиција во Волкодери ни раскажа повозрасен жител од селото. Според него, оној што го има крстот од претходната година на Водици дава ручек и вечера.

-По литургијата во црква, на Водици околу 12 часот постарите одат на ручек кај фамилијата што го има крстот, а вечерта околу 19 часот одат помладите. Гостите носат леб и шеќер за домаќините и дарови и пари за крстот. Вечерта до кај 21 часот мезат пијат, а потоа се раскрева буквално се од масата и се вади светиот крст. Најпрво го целива и дарува газдата, а потоа и присутните. Откако ќе го даруваат ги собираат парите од тековната година и домаќинот го предава со целата сума пари и даровите на следната фамилија според воспоставен ред, раскажува тој.

Потоа, додаде, се поставува вечера за гостите. Традиционално во собата кај крстот останувале само жителите на селото. Доколку има гости, роднини или пријатели од друго место одат во друга соба. Домаќинот што го поседувал крстот гостите ги испраќа со парче леб.

Крстот се остава на видно место за слава, именден, роденден, крштевка и други собири, а гостите што ќе дојдат ако сакаат можат да го даруваат. Собраните пари ги носат во црквата. Даровите пак, се продаваат на лицитација и парите остануваат за потребите на црквата.