Гостиварецот Панче Ѓурчиноски беше најсреќниот од 30-мина гостиварци кои скокнаа во водите на Вардар по светиот крст на прославата на големиот христијански празник Богојавление.

На триесетгодишниот фризер, кому ова му беше четврт обид, организациониот одбор му подари икона.

Прославата на празникот почна утрово со света литургија во соборниот храм „Пресвета Богородица“. Голем број верници беа дел од литијата што по литургијата тргна од црквата и преку централното градско подрачје се движеше до малиот мост од каде митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф го спушти крстот во реката.

Годинава, Богојавление во Гостивар се слави со положување на крстот во реката Вардар по петти пат, после речиси седум децении пауза.