Дваесет и две годишниот Ристе Ристов имаше најмногу среќа да го извади крстот од водите на Кочанска Река во рамки на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици во Кочани.

Церемонијата на осветување на водите и потопувањето на светиот крст се одржа во центарот на градот, а со неа чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион во сослужение со свештениците од кочанската парохија. По крстот во реката скокнаа четиресетина момчиња, а Ристов беше најбрз и највешт.

-Седма година по ред учествувам на овој настан и имав огромна желба да го извадам крстот од водата на реката. Конечно тоа ми се оствари годинава и на сите граѓани им посакувам многу здравје и духовен мир, истакна Ристе Ристов од Кочани.

Владиката Иларион на присутните граѓани им го честиташе празникот со порака за вера и спасение, а на Ристов му подари примерок од Библијата. Исто така, подароци му врачија и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и неколку стопански фирми.