Дваесет и двегодишниот прилепски студент Бобан Јосифоски е најсреќниот од 105-те учесници кој го фати светиот крст во водите на Аква-паркот во Прилеп при денешното чествување на Богојавление-Водици.
Јосифоски, возбудено вели дека по 10 години првпат го фаќа крстот, што значи учествувал од 12-годишна возраст.
– По 10 години учество сега ми се насмевна среќата. Го фатив светиот крст. Јас сум студент на Факултетот за безбедност. Очекувам здравје и среќа да ме следи оваа година, а тоа им го посакувам на сите. Чувството е прекрасно, изјави среќниот Јосифоски.
Отец Благоја Станкоски, намесник на прилепското намесништво вели дека годинава е огромен интересот на прилепчани за да се фати светиот крст. Најбитен е мотивот, а потоа се подароците што ги добива среќникот.
– Во основа се пријавија 98 учесници, а денеска уште седум, што значи годинава вкупно учествуваа 105 прилепчани. Од нив се 14 девојки. Најмладиот учесник е роден 2007, а најмладата девојка е родена 2005 година, односно по 12 и 14 години. Од намесништвото најсреќниот кој го фати светиот крст доби икона со Крштението исусово, а од спонзорот телевизор. Но, не се подароците најбитни, туку мотивот и вербата во тоа што овие бројни млади момци и девојки учестуваат за да го фатат светиот крст, објаснува отец Станкоски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски му посача среќа годинава на Јосифоски, но и на сите учесници да ја имаат таа среќа догодина.
– Општината ги поддржува традициите. искрени се честитките за сите, и з аучесниците и за сите прилепчани за да ги следи здсравје и среќа годинава. Најсреќен е Јосифоски, а на другите учесници им посакувам повеќе среќа догодина, рече Јованоски. Општината на прилепското намесништво му донираше 100.000 денари за овој голем празник.