Дарко Денков е најуспешниот и најсреќниот помеѓу триесеттемина штипјани кои скокнаа по светиот крст во студените води на реката Брегалница. Ова е негово четврто учество на Водици и за првпат успеава да го фати крстот.

– Да посакам на сите здравје, среќа, бериќет, успешна година. Да бидеме сите живи и здрави и среќен да е празникот Богојавление – Водици, Дарко Денков од Штип.

Со светиот чин чиноначалствуваше митрополитот на Брегачничката епархија господин Иларион, кој по осветувањето на водите на Брегалница им го честиташе празникот на сите православни верници.

– Господ Бог кој што се крсти во реката Јордан, се крсти заради нас и нашето спасение. Нека испрати мир и благослов од Небото, на сите луѓе кои живеат во овој град, во татковината наша и во целиот свет, рече г. Иларион.

За првпат прв до крстот стаса и Драган Џонов во штипско Ново Село. Тој скока по шести пат, но претпоследен пат скокал пред 10 години.

– Господ ли, што ме натера овој пат да скокам не знам, но среќата овој пат ми се насмевна, вели Џонов.

Во следните седум дена, Денков и Џонов, со светите крстови ќе ги посетат домовите во Штип и Ново Село, за да донесат здравје и бериќет, а за возврат ќе бидат дарувани.