Лежечки полицајци ќе се постават и пред основните училишта „Тошо Арсов“ и Гоце Делчев“, пред објектите на детските градинки, но нивното поставување ќе биде кога ќе овозможат временските услови, вели градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Причината зошто во моментов е стопирано нивното поставување е поради тоа што веќе има оштетено лежечки полицајци при чистењето на снегот од коловозите, еден од нив е и кај зградата на ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

-Токму затоа ќе почекаме овој месец за да помине периодот на снежни врнежи и веднаш потоа продолжуваме со реализација на проектот за поставување на лежечки полицајци, што е многу важен за безбедноста на децата, вели Бочварски.

Тој додава дека во наредниот период екипите ќе ги доработат и вибрациските ленти на булеварот „Гоце Делчев“, каде што се наоѓаат факултетите во Кампус 2 и средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“.

-Јас апелирам и до возачите да бидат трпеливи и да немаат негативни коментари кон ова, бидејќи безбедноста на децата, на нашите граѓани е поважна од се и токму затоа ќе имаме и помирно возење, смирување на брзината. Имаше коментари, зошто е потребно пред училиштето „Ванчо Прќе“, бидејќи таму секако бил забавен сообраќајот, поради големата густина на сообраќајот, но секако е важно да имаме поставено лежечки полицајци, заради тоа да ние бидеме помирни и родителите и децата, вели Бочварски.

Штипскиот градоначалник забележува дека со завршување и на кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев“, што е влез и излез на градот ќе биде решена безбедноста на сообраќајот во градот.