Во пораст е бројот на долните респираторни инфекции во Делчево. Само во третата недела од јануари годинава во Делчево се регистрирани 94 случаи на вирози од кои во најголем дел од случаите се работи за долни-респираторни инфекции.
– Точно е дека имаме зголемување на бројката на граѓани кај кои се забележани инфекции на дишните патишта. Она што може да го потврдиме е дека само во изминатата недела од јануари имаме евидентирано 94 случаи со долни респираторни инфекции. Постапката во нашето одделение за ваквите случаи е таква што земените брисеви се испраќаат во Центар за Јавно здравје Кочани од каде што е потврдено дека се работи за долно-респираторни инфекции – вели делчевскиот епидемиолог Надица Ефтимовска.
Од епидемиолошкото одделение во Делчево, додаваат дека бројката на пациенти со горни-респираторни инфекции кои во текот на минатата недела побарале лекарска интервенција е 177 пациенти.