Со надградбата на западното крило на гимназијата во Гевгелија со 14 нови училници, општина Гевгелија официјално ја почна реализацијата на инвестицискиот план за оваа година.
Во посета на средношколскиот центар и обиколка на работите денеска беше градоначалникот Сашо Поцков кој од директорот на гимназијата, Цветан Нелоски беше информиран дека претходно биле завршени сите подготовки за непречено одвивање на наставата во второто полугодие која ќе се реализаира паралелно со изградбата на новите училници и уредувањето на угостителската сала.
Градоначалникот Поцков истакна дека надградбата на новите училници ќе обезбеди доволно просторни услови за едносменско работење на училишниот центар како и заштеда на електрична и топлинска енергија.
– Центарот ќе добие и нов современ угостителски дел во кој учениците од угостителската насока ќе можат непречено да ја следат наставата и да ја спроведуваат практичната обука. Дополнително,реновираниот угостителски простор во иднина ќе може да се користи и за комерцијални потреби, рече Поцков.
Реализацијата на проектот ќе чини околу 35 милиони денари од кои 23 милиони денари се сопствени средства кои училиштето ги собирало од блок дотациите во изминатите осум години, а околу 12 милиони денари обезбедува општина Гевгелија преку подзаем од Светска банка.