Командантот на Воздухопловните сили на НАТО, генерал Тод Волтерс денеска престојува во посета на Тирана.
Тој беше пречекан од началникот на Генералштабот на албанската Армија, Бардул Колчаку, а потоа се сретна и со министерката за одбрана Олта Џачка.
По средбата со Џачка, на заедничката прес-конференција, Волтерс најави дека со инвестиција на НАТО, воениот аеродорм во Кучово за пет години ќе се претвори во модерна воздухопловна база.
– Базата во Кучово има некои посебни карактеристики. Лоцирана е на прекрасна географска локација, која овозможува да се направи она што се посакува, вклучувајќи ја тука и добрата клима што ја има, истакна Волтерс на новинарско прашање зошто НАТО ја избрал базата во Кучово за реализација на овој проект.
Волтерс, меѓу другото, нагласи и дека е многу возбуден што е во Албанија.
– Вие сте една прекрасна земја. Во воздухопловната база во Кучово досега е направена многу добра работа, ќе се продолжи со инвестицијата, ќе има и една воздухопловна екипа. Нашата цел е да се движиме напред. Албанија даде свој придонес во НАТО, посочи Волтерс.
Албанската министерката Џака, од своја страна, нагласи дека Албанија е безбедна земја, каде Алијансата ќе инвестира во свои капацитети, што ја зголемува не само националната безбедност туку и безбедноста на целиот Балкан.
– Во рок од неколку месеци ќе биде подготвен мастер-планот од Агенцијата на НАТО за набавки и поддршка – НСПА. Мастер- планот го отвора патот за започнување на работите на терен. Воздухопловната база на НАТО во Кучово е извонредна вест не само за нас, туку и за целиот регион и за безбедноста на целиот регион, додаде таа.
Воениот аеродорм во Кучово, која одамна е „гробишта на авиони“ што некогаш биле дел од Военото воздухопловство на Албанија, ќе стане прва воздухопловна база на НАТО во регионот.
Албанските МиГ-ови, претежно од кинеско и од руско производство, не летаат од 2005 година, додека воздушениот простор на Албанија го надгледуваат Италија и Грција.
Аеродромот во Кучово во 50-тите години на минатиот век бил дизајниран од советски инженери, кои поставиле динамит под пистата за да ја разнесат во случај таа да падне во непријателски раце.
За првата фаза од работата, НАТО ќе одвои 50 милиони евра, со цел да го претвори Кучово во база за опрема, логистика, обуки и вежби.
Албанија годинава одбележува 10 години од зачленувањето во Алијансата, која прославува 70 години од формирањето.