Не одложување, туку целосно укинување на спорните одредби од Законот за трговија на зелените пазари. Тезгаџиите на Зелениот пазар од денеска покренаа отворена петиција на која поддршка за нивното барање дадоа повеќе од 1.000 пазарџии и граѓани за само неколку часа. Бараат политичарите да имаат разбирање за тешките услови во кои работат и да се обединат против наметнатите давачки што ќе им ја загрозат егзистенцијата. Тетратките за потписи ќе бидат отворени во наредните три дена.

Пратениците од власта и опозицијата со различни ставови за решавање на проблемот со пазарџиите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има исто мислење како и тезгаџиите. Партијата најави дека ќе достави предлог – закон за укинување на одредбите кои предвидуваат вадење на лиценци кои годишно треба да чинат 60 евра и 40 евра за секоја наредна тезга, како и забрана за продажба за пензионерите и вработените. Пратениците на СДСМ, пак, најавија дека веќе в понеделник по брза постапка ќе се гласа дали законот за трговија на зелените пазари да се одложи до 2020-та година. Ваквиот пресврт на настаните следи откако 25 илјади пазарџии отворено го изразија својот револт против наметнатите лиценци.