Во рамки на сатирично-поетската вечер во Пехчево синоќа беше промовирана книгата „Трагачи по парадокси“ од сатиричарот Миле Ѓорѓијоски. Како што истакна авторот Ѓорѓијоски во книгата „Трагачи по парадокси“ се сублимирани 2.000 афоризми од 20 најпознати балкански сатиричари.

-Драго ми е што пред пехчевската публика го промовиравме делото во кое е сместен балканскиот крем во сатирата како четврта книга од едицијата Балканска сатира во издание на Фестивалот Ин Виница Веритас. Во книгата се застапени врвните афористичарски имиња од Босна, Бугарија, Македонија, Романија, Република Српска, Србија и Црна Гора, автори кои сите заедно имаат издадено повеќе од 200 книги и се носители на врвни светски награди од областа на хуморот и сатирата. Во книгата “Трагачи по парадокси “ се сместени афоризми на 20 најпознати балкански сатиричари кои имаат освоени преку 300 награди и објавено преку 300 книги. Овој избор е кремот на афоризмот на Балканот, рече Ѓорѓијоски.

Освен промоцијата на книгата „Трагачи на парадокси“ во рамки на сатирично-поетската вечер сатиричарите Ленче Атанасова и Јане Атанасов читаа свои творби, а во поетскиот дел со свои песни се претставија поетесите Габриела Костадинова и Христина Деолска.

На настанот беа претставени карикатурите кои се дел од последното издание на фестивалот „Ин Виница Веритас“, дела кои во наредните денови ќе бидат изложени во Домот на култура „Јане Сандански“ во Пехчево.