Во петте основни училишта во Општина Гевгелија и во гевгелиската гимназија во текот на минатата година биле вложени над три милиони денари или 50.000 евра, за подобрување на просторните и условите за непречено одвивање и следење на наставниот процес. Од општината денеска посочија дека сите средства се издвоени од општинскиот буџет или од блок – дотациите кои ги добиваат училиштата за нивните тековни потреби.
Во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Гевгелија со 824.000 денари целосно е реновиран кабинетот за ликовно воспитување и една училница, обновени се спорстката сала и фасадата и набавени се надгледни средства и компјутери.
Најголем дел од реализираните 738.000 денари во основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци биле наменети за оградување на училиштето и за реконструкција на подрачното училиште во Милетково.
Основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци потрошило над 700.000 денари за набавка на надгледни средства, лектири во училишната библиотека и замена на постојните со економични лед светилки.
Посебно внимание за набавка на надгледни средства лани било посветено и во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ каде за комјутери, принтери, проектори и печатари биле потрошени 415.000 денари.