Штипјани од денеска можат да пријавуваат еколошки проблеми на „зелениот“ телефон 075 663 612. Еколошкото друштво „Виножито“ од Штип и учениците од Општинското Основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“, денеска го промовираа „зелениот“ телефон на кого граѓаните можат да пријавуваат на кои места има диви депонии, не е подигнат сметот и други загадувања на животната средина.

Претседателката на ЕД „Виножито“ Данче Калајџиска вели дека на граѓаните, кои ќе се јавуваат на „зелениот“ телефон, веднаш од нивна страна ќе се информираат надлежните и штипското комунално претпријатие „Исар“ да интервенира на посочената локација или во одредена населба.

– „Виножито“ продолжува со еко-проектот „Светот почива на спротивности“, а денеска имаме задача да го промовираме „зелениот“ телефон, на кого што ќе можат да се јавуваат граѓаните за еколошки проблеми, загадувања, диви депонии. Денеска правиме и анализа на реализираните еко патроли, што ги реализираа учениците, вели Калајџиска.

Во изминатиот месец над 30 ученици од ООУ „Димитар Влахов“, заедно со еколошките активисти од „Виножито“, имаа еко-патроли низ сите населби во Штип, а со активностите ќе продолжат во текот на наредните месеци, каде ќе имаат еко-патроли и во централното градско подрачје.

Наставничката Вера Ордева од ООУ „Димитар Влахов“ е задоволна од интересот на учениците, кои учествуваат во еко-патролите, а како што рече има интерес и од други ученици да се вклучат во активностите, кои се дел од проектот.