Прифатени се финансиските планови на неколку основни и средни училишта, се донесоа измените на одлуката за основање Jавно претпријатие за енергетска дејност, а се прифати и одлуката за извршување на Општинскиот буџет.

Ова се дел од одлуките што ги донесоа прилепските советници на денешната 23-та седница на Општинскиот совет.

– Донесовме и одлука за избор на членови на управниот и надзорниот одбор на јавното претпријатие за енергетска дејност за да може да профункционира. Донесени се и битни одлуки за легализација на дивоизградени објекти, објаснува Миле Талески, Претседател на прилепскиот совет.

Советниците ги изгласаа и одлуките за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на плати на ЈКП „Водовод и канализација" и за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште и макролокации на зони на градежното земјиште во Прилеп и населените места за годинава.

На предлог на седуммина советници, седницата беше прекината за да се добијат повеќе информации за донесување урбанистички план за проектот „Вештачко езеро – нови авантури, нови можности".