Околу седумдесет хектари обработливо земјоделско земјиште е пренаменето во градежно во последните пет години во општините Струмица, Валандово и Василево. Во овие три општини наместо нови насади на плодното земјоделско земјиште никнаа градби од бетон и железо. Дел од индустриските зони се изградени на ниви на кои порано се одгледуваа различни култури.

На експанзијата на производствени капацитети и индустриски зони реагираат земјоделците.

-Земјиштето на кое се произведуваше храна сега е пренаменото за индустриски зони и откупни центри. Тоа се капацитети што никнуваат на земјиште од прва и втора класа. Тие требаше да се градат на друга, понеквалитетна земја, велат земјоделците со кои разговаравме.

Во последно време сè позачестена е појавата да се гради во близина на магистрални патишта и на парцели во околината на градовите, каде што до скоро се произведуваше храна. Таков е случајот покрај патот Струмица – македонско-бугарска граница, на потегот меѓу градот и селото Дабиље, но и на други патни правци.

Пат Струмица Дабиле За експертите е несфатливо зошто индустриските зони не се градат на земјиште надвор од опфатот на обработливото.

-Секоја земја настојува да ги искористи сите површини за прозводство на храна, а кај нас тие се доделија за изградба на разни погони и фабрики. Плодното земјиште мора да се чува, а индустриските зони требаше да се градат на шеста класа земја. Таму да се направи инфраструктура, а не да се постила асфалт и бетон среде поле, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија и земјоделски посеви.

Во овој дел на државата најдалеку во изградбата на индустриски зони отиде Општина Василево. Таму се изградени пет индустриски зони, кои се простираат вкупно на 136 хектари и во кои функционираат околу осумдесет капацитети.

Според поранешното општинско раководство одлуката да се градат е донесена од две причини: првата е да им се помогне на земјоделците околу пласманот на производството преку изградба на откупувувачки капацитети, а втората е да им се помогне на тие што не се занимаваат со земјоделство да се вработат во новоизградените капацитети.

Тогаш од општините негираа дека индустриските зони се градат на првокласно земјоделско земјиште, бидејќи ресорното министерство давало дозволи каде може да се гради.

Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со отворањето индустриски зони и други стопански капацитети се создаваат можности за инвестиции, нови вработувања и намалување на невработеноста во овој дел на државата.

-За пренамена на земјиште од земјоделско во градежно согласност дава Владата на Република Македонија по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а подносител на барањето за согласност за трајна пренамена за овој вид градба е Министерството за транспорт и врски, информираа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Инаку, според податоците од ресорното министерство од 2014 до 2018 година во Струмица од земјоделско во градежно се пренаменети околу 37 хектари, во Василево пет и во Валандово површина од околу 24 хектари.

Ристо Тасев