Пристигнаа фотоколекторите со кои Општина Пробиштип ќе штеди електрична енергија на три општински објекти. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, вели дека почнато е нивно монтирање, а целосната инсталација и пуштање во употреба на фотоволтаичниот систем е предвидено да се случи на 31-ви Март.

– Општина Пробиштип аплицираше и доби грант инвестиција за инсталација на фотоволтаични системи на три јавни објекти и тоа за училиштата „Никола Карев“, „Браќа Миладиновци“ и за градинката „Гоце Делчев“ клон „Изворче“ во Злетово. Многу е важно да се каже дека со фотоволтаиците ќе се загрева и водата во единствениот затворен училишен базен во источна Македонија, со што учениците од нашата општина ќе можат да го користат за настава по физичко, вели Анастасов.

Тој додава дека со набавка и инсталација на фотоволтаичните системи ќе се произведуваат по 15kW електрична енергија на час во сите три објекти посебно, со што ќе се направат значајни заштеди кај овие објекти и директно ќе се намалат трошоците на општината.

Фотоволтаиците пристигнаа и во Општина Карбинци, каде со обновливи извори на енергија, општината ќе заштеди електрична енергија од 20.000 евра, а се поставуваат на општинската зграда, училиштето „Страшо Пинџур“ и на пумпната станица за вода за пиење во село Таринци, што е најголемиот потрошувач на струја.