Девет возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол биле откриени од полицијата при акциска контрола што викендов била спроведена во поширокото полошко подрачје, информираа од СВР Тетово.
За нив веднаш биле изготвени мандатни платни налози и тие ќе се соочат со соодветна парична глоба од 250 до 400 евра во денарска противвредност зависно од степенот на констатираната алкохолизираност. Покрај ова, за овој вид сообраќаен прекршок предвидено е и времено одземање на возачките дозволи во времетраење од три месеци до една година.
Според полициските податоци, во контролите изминатиот викенд вкупно биле опфатени 104 возачи при што биле откриени 19 други видови прекршоци. Од нив девет биле за управување без возачка дозвола, со истечена регистрација имало осум возила… И овие прекршоци биле заокружени со законски предвидени поднесоци.
– Вакви и слични сообраќајно-контролни активности планирани се и за во наредниот период со цел на време да се откријат, санкционират и отстранат присутните прекршоци на подрачјето, најавија од СВР Тетово.