Штипското јавно претпријатие „Стипион“ откако го расчисти снегот од улиците низ градот Штип, деновиве интензивно работи и на расчистување на локалните патишта. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Сашко Протогеров денеска за МИА вели дека механизацијата го расчистува локалниот пат до село Шашаварлија.

-Ни остануваат да ги расчистиме уште локалните патишта до селата Шашаварлија и Брест, што се и најкритични, бидејќи знаете дека тие се наоѓаат на повисоко, односно патиштата се низ ридови. Механизацијата денеска го расчистува патот до селото Шашаварлија, вели Протогеров.

Во селото Брест има десетина жители, кои се занимаваат пред се со сточарство, а на кои во моментов им недостасува храна за стоката. Протогеров забележува дека чистењето на овој локален пат ќе биде во текот на денот или најдоцна утре. Проблем им создава старата механизација, која со години не е обновена и со која можат да интервенираат најпрвин во градот, а потоа и во руралните подрачја. ЈП „Стипион“ за наредната зимска сезона очекува да добие современа машина за расчистување на снегот низ улиците и патиштата.