Општествената и стопанската соработка помеѓу Општина Прилеп и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, беа тема на денешната средба помеѓу прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, амбасадорот Сергеј Баздникин и неговиот помошник за економско-трговски прашања, Владимир Хрисанфов, информираат од приелпската локална самоуправа.
Како основа за продлабочување на соработката со Амбасадата на Руската федерација, Јованоски ги посочил прилепските туристички атракции: локалитет Маркови Кули, Институтот за тутун, но и мермерот и гранитот како природни богатства со кои располага општината.
Покрај економските прашања, во фокусот на средбата биле и образованието, односно покренувањето на заедничка иницијатива за формирање паралелка за изучување на рускиот јазик во прилепското основно училиште „Кочо Рацин“.
Во поглед на таквата соработка, амбасадорот Баздникин ги потенцирал стипендиите кои ги нуди Амбасадата на Руската Федерација во Македонија. За оваа година биле обезбедени околу 40 стипендии за млади од Македонија кои сакаат да студираат на некои од универзитетите во Русија.
Како што информираат од прилепската локална самоуправа Јованоски и амбасадорот Баздникин, на денешната средба ја отвориле и можноста за збратимување на Прилеп со некој град во Русија.