Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев се сретна со проектантот на салата „Наум Наумовски – Борче“ („Партизан“), истакнатиот македонски архитект Трајко Димитров, кој припаѓа на првата генерација архитекти запишани на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје.

Општина Карпош ја почна иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, но, како што се наведува во соопштението, овој процес се води темелно, со вклучување на повеќе засегнати страни, институции и личности кои придонеле во изградбата и афирмацијата на овој култен спортски објект.

Градоначалникот Богоев и архитектот Димитров разговараа за актуелните состојби со салата, при што по доделувањето на објектот во владеење на локалната самоуправа ќе се почне со подготовка на анализа за постоечката состојба.

– Ова е начинот на кој треба да се пристапи кон ревитализацијата на старите и запуштени објекти дадени под концесија. Да ја вклучиме и стручната јавност, архитектите кои ги создавале овие важни објекти за Скопје. Од овие луѓе има многу што да научиме, како да се задржи автентичноста на овие култни објекти и како повторно да заживеат, рече Богоев.

Архитектот Димитров има богато исуство во проектирањето објекти од општествен карактер, со посебен акцент на спортски објекти, како на пример базенот „Младост“, кошаркарската сала „Работнички“ во Градски парк и др. На средбата се зборуваше за начинот на кој е градена салата „Партизан“, квалитетот на градбата и функционалноста на објектот.

Во посета на општина Карпош денеска се и претставници од меѓународната невладина организација „Културно ехо“, кои работат на проект за мапирање запуштени објекти и иницијатива за нивна обнова. Тие со градоначалникот Богоев дискутирале за начините на финансирање на обновата на „Партизан“ и воспоставување партнерство со општината за аплицирање на повик за добивање средства за оваа цел.