Запознавање со работата на Европскиот парламент и европските пратеници, начинот на донесување и одлуки и средби со европарламентарците, ќе биде главна цел на посетата на Брисел од страна на 30 средношколци од Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Виница, кои од 4. до 6. февруари ќе ја посетат Европската престолнина. Како што информираше професорот по социологија Весна Димитровска патувањето за Брисел ќе значи отворање на портите на училиштето кон европското образование.

– Огромна чест и задоволство е да се биде дел од видувањето на европските институции, прекрасниот Брисел и нешто што е за прв пат пракса во нашето училиште. Сметам дека ова е отворање на вратите на училиштето према европската унија, према евроспките институции и према целиот глобален и модерен начин на живеење. Јас како професор по социологија и граѓанско образование на чии часови се обработуваат теми и содржини поврзани со Европската унија сметам дека ова е од огромен придонес за учениците, голем предизвик за идните генерации и би била презадоволна ако ова и во иднина продолжи да се реализира, истакна Димитровска.

Посетата на Европскиот парламент се реализира на покана од потпретседателот на Европската народна партија и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, а патувањето е финансиски поддржано од Фондацијата „Бугарско сеќавање“ од Софија на д-р Милен Врбевски.

Како што истакна делчевецот Венци Димитровски, кој е главен иницијатор за реалиазцијата на оваа идеја, во Брисел ќе патува и втора група ученици. Согласно со планираната програма, втората група ученици од регионот ќе го посетат Брисел во текот на април.