Лидерот на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти, се сретна денеска со амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет, кому, како што соопшти ВВ, му ги изнел аргументите зошто Косово не треба да ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и БиХ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според партиското соопштение, средбата, која се одржала во Амбасадата на САД, поминала во конструктивна атмосфера и било разговарано за „прашања кои актуелно доминираат во националните интереси на земјата“.

– Претседателот Курти го запозна подетално амбасадорот Коснет со ставовите на ВВ во однос на дијалогот со Србија, за фазите кои треба да се следат со цел да се изгради една платформа и преговарачки тим кој ќе гарантира сериозно претставување во дијалогот, како и за причините поради кои не треба да се укине царинската такса, се вели во соопштението на ВВ.

Амбасадорот на САД на средбата со Курти го нагласил „значењето кое Косово го има во надворешната политика на САД“ и порачал дека „косовската страна паралелно треба да ги негува добрите односи со Европската унија“ и да ги продолжи напорите за зачленување во неа, затоа што „тоа е главната аспирација на Косово“.